Многу прашања поврзани со оваа варијанта сѐ уште не се одговорени, но познато е дека таа стана доминантна во неколку европски земји, меѓу кои Данска, Португалија и Британија, каде што бројката секојдневно се удвојува
Омикрон успеа за краток временски период да стане доминантен сој на коронавирус во Европа. Затоа, властите на многу земји одлучија повторно да воведат одредени ограничувања, за барем да го забават ширењето на вирусот.
Зголемувањето на бројот на заразени со оваа варијанта ќе ги доведе здравствените системи до работ на колапс, предупреди Ханс Клуге од Светската здравствена организација, задолжен за Европа.

Клуге истакна дека доаѓа „уште една бура“ и дека владите треба да се подготват за значително зголемување на бројот на заразени во наредниот период.
Новата мутација е веќе доминантна во многу европски земји. Германија и Португалија се меѓу земјите што најавуваат божиќни ограничувања и зголемени мерки на социјално дистанцирање. Германија најави дека мерките за ограничување на приватните собири на 10 лица ќе бидат вратени од 28 декември, а ноќните клубови ќе бидат затворени. Фудбалските натпревари од тој датум исто така ќе се играат зад затворени врати.
„Коронавирусот не прави пауза за Божиќ. Не можеме – и не смееме – да ги затвориме очите пред следниот бран, кој почнува да лебди над нас“,
рече во вторникот германскиот канцелар Олаф Шолц.
Португалија, пак, нареди баровите и ноќните клубови да се затворат од 26 декември, а работата од дома е задолжителна до 9 јануари. Собирите на отворено ќе бидат ограничени на 10 лица.
Баровите и рестораните во Финска ќе мора да се затворат во 22 часот на 24 декември, бидејќи нордиската нација бележи рекорден број на заразени. Вкупно три недели од 28 декември, рестораните ќе мора да затвораат во 18 часот со ограничен број седишта. Патниците кои доаѓаат од шенген-зоната на ЕУ ќе мора да покажат негативен тест за ковид.
Исландската влада, исто така, најави дека ќе ги зајакне мерките против ширењето на коронавирусот. Од четврток наместо досегашните 50 ќе може да се соберат најмногу 20 лица, а повторно ќе се воведе мерката физичко растојание од два метри.
Единствената разлика е ситуацијата во која сите учесници имаат брз тест, а потоа е дозволено собирање до 200 луѓе.
Рестораните и баровите се затвораат во 22 часот, фитнес-центрите и базените можат да работат со половина капацитет. Новите правила ќе бидат на сила во следните три недели.
Франција ги отфрли новите ограничувања во вторникот, но владиниот портпарол Габриел Атал најави дека санитарната карта од јануари ќе биде заменета со пропусница за ковид, која ќе биде достапна само доколку лицето е вакцинирано.
Главната цел на сертификатот за вакцинација е да се признава само имунизација, а не негативен тест.
Многу прашања поврзани со оваа варијанта се уште не се одговорени, но познато е дека таа стана доминантна во неколку европски земји, меѓу кои Данска, Португалија и Британија, каде што бројката секојдневно се удвојува.
Во Велика Британија, министерот за здравство Саџид Џавид најави дека лицата заразени со ковид во Англија ќе можат да го прекинат карантинот по седум дена, наместо 10, доколку тестот биде негативен шестиот и седмиот ден.
Премиерот Борис Џонсон претходно отфрли какви било нови ограничувања пред Божиќ, но Шкотска, Велс и Северна Ирска најавија ограничувања на контактите.
Во Шведска, баровите, кафулињата и рестораните ќе можат да примат ограничен број гости, а од луѓето се бара да работат од дома доколку е можно.
Министерката за здравство Лена Халенгрен рече дека очекува зголемување на бројот на случаи на инфекција со омикрон и предупреди дека оптоварувањето на здравствениот систем се зголемува.
Холандија веќе воведе ограничувања и најави строго затворање во понеделник.
Европа веќе доживеа повеќе од 89 милиони заразени и 1,5 милиони смртни случаи поврзани со ковид, според најновите податоци на СЗО. Омикрон првпат беше регистриран во Јужна Африка минатиот месец, но сега се прошири низ целиот свет.
Податоците од целиот свет сугерираат дека омикрон можеби е позаразна варијанта на вирусот, но сè уште нема докази дека предизвикува посериозна болест.
„Можеме да видиме како доаѓа уште една бура. За неколку недели, омикрон ќе доминира во повеќе земји, со што веќе оптоварените здравствени системи ќе бидат подалеку на работ“,
рече Ханс Клуге, нагласувајќи дека е неопходно земјите да се подготват за нов напад на вирусот што е можно повеќе.