Топлото време во Европа доаѓа додека Северна Америка се соочува со сериозни бури. Силен снег и град се прогнозираат за делови од северниот дел на Средниот Запад во Америка, додека силни грмотевици и торнада се очекуваат во неколку сојузните држави во САД
Температурите овој јануари достигнаа највисоко ниво во историјата во голем број земји во Европа. Националните рекорди на највисоко измерени температури се соборени во десетина држави.
Во Варшава, Полска, на пример, во неделата беа измерени рекордни 18,9 Целзиусови степени, што е за четири повеќе од претходниот рекорд. Во Билбао, Шпанија, пак, имаше 25,1, што е за 10 степени над просекот за јануари. Рекордни температури се измерени и во Холандија, Лихтенштајн, Литванија, Летонија, Чешка, Данска и Белорусија. Исто така, и во Германија, Франција и Украина.
Високи температури за јануари има и во Швајцарија. Достигнаа 20 степени, што предизвика проблем и за скијачките центри на Алпите кои се соочуваат со недостиг на снег.
Сепак, не секаде во Европа се предвидува „пролет“ среде јануари. Во скандинавскиот регион за наредните денови се очекуваат ниски температури и снег, а во Москва се очекува да бидат измерени минус 20 Целзиусови степени претстојниот викенд.
Ваквите топлотни бранови стануваат почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од човекот.
Топлото време во Европа доаѓа додека Северна Америка – САД и Канада се соочуваат со сериозни бури неколку дена по смртоносниот зимски студ на крајот од декември кој одзеде повеќе од 60 животи. Силен снег и град се прогнозираат за делови од северниот дел на Средниот Запад во Америка, додека силни грмотевици и торнада се очекуваат во сојузните држави Тексас, Оклахома, Арканзас и Луизијана.