Комисијата настојува да води сметка за тоа товарот на контрамерките што има намера да ги воведе да биде рамномерно распределен меѓу членките, бидејќи не сите членки се подеднакво зависни од трговијата со американскиот пазар
Европската комисија, земајќи ги предвид забелешките на земјите членки, ќе предложи контрамерки вредни помалку од 26 милијарди евра, колку што се американските царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ, изјави комесарот за трговија Марош Шечфовиќ.
„Што се однесува до челикот, алуминиумот и дериватите, станува збор за 26 милијарди евра. Вечерва ќе го финализираме списокот со мерки, но можам да ви кажам дека нема да достигнат 26 милијарди, откако ќе ги земеме предвид забелешките на земјите членки“,
рече Шечфовиќ по состанокот на министрите за трговија на земјите членки кои разговараа за трговските односи со САД и Кина.
Комисијата настојува да води сметка за тоа, товарот на контрамерките што има намера да ги воведе да биде рамномерно распределен меѓу членките, бидејќи не сите членки се подеднакво зависни од трговијата со американскиот пазар.
„Сакавме да обезбедиме товарот да биде правично распределен меѓу сите земји членки“,
додаде Шефчовиќ.
Предлогот за контрамерки ќе се гласа во среда. Одлуката се носи во рамките на процедурата за комитологија, што во пракса значи дека Комисијата може да донесе одлука доколку на неа не се спротивстави квалификувано мнозинство (55 отсто од земјите членки кои претставуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ). Во случај да нема квалификувано мнозинство ниту за, ниту против предлогот, Комисијата може самостојно да донесе одлука.