„Убеден сум дека во периодот што следи, низ заеднички разговори, конечно, по 2,5 децении патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенциите, а не поради билатералните прашања“, вели премиерот
Ја разбирам еврокомесарката, таа требаше да го помине „хирингот“ на кој требаше да гласаат и европратеници од нашиот источен сосед, и тоа е во рамките на таа димензија. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја коментира изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која рече дека од Македонија очекува уставни измени, и „ништо повеќе и ништо помалку“.
„Мислам дека низ таа оптика таа ги гледаше тие пораки и јас низ таа оптика ги гледам тие пораки. Убеден сум дека во периодот што следи, низ заеднички разговори, конечно, по 2,5 децении патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенциите, а не поради билатералните прашања“,
рече денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Средбата и разговорите со францускиот претседател, Мицкоски ги квалификува како суштински дијалог и вели дека со Макрон разговарале не само за македонските евроинтеграции, туку и за многу заеднички проекти во областа на економијата, инфраструктурата, здравството.
„Покрај прашањата поврзани со ЕУ-интеграцијата на нашата земја, зборувавме и за соработката во економијата, имаме многу проекти во инфраструктурата, здравството, кои ни се важни и кои како влада со влада може да ги реализираме, комуникацијата продолжува, дента имавме можности често да бидеме заедно и да разговараме за многу отворени теми“,
истакна Мицкоски по увидот во градежните работи на три делници кај Велес.
Кандидатката за комесар за проширување на ЕУ, Марта Кос, за време на сослушувањето за потврдување на нејзината кандидатура, одговарајќи на прашања од бугарските европратеници, кој е нејзиниот став за уставни измени со одложено дејство за кои се залага владата на премиерот Христијан Мицкоски, рече дека одговорот е јасен и е дел од овогодишните извештаи за проширувањето.
„Очекуваме земјата кандидатка Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку“,
рече Кос.