Португалија ќе се обиде да ги организира првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија во првата половина од годинава, изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари.
Силва на онлајн брифинг со новинарите, како што пренесува Бугарското национално радио, истакнал дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.
Тој посочил дека ЕУ досега испорачала многу барања до Северна Македонија, земјата спровела голем број важни реформи, дури и го сменила своето име.
„Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето“,
нагласи Силва.
Португалија ќе ги сослуша Скопје и Софија во обид да се надминат недоразбирањата
Тој најави и дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.
„Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Северна Македонија и на Бугарија. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи“,
заклучи шефот на португалската дипломатија.
Денеска во интервју за МИА вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров оцени дека Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, но и дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и годинава да помине така како што помина 2020, со неуспех во проширувањето.