Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, Берлин најавува дека останува посветен на ова прашање, мислам дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година да помине така како што помина 2020, со неуспех во проширувањето, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во празничното интервју за МИА.
„Пристапниот процес е алатка за европеизација. Меѓутоа, нас никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација, ако веќе немаме пристап до пристапниот процес. И мислам дека што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со Европската Унија“,
вели Димитров за МИА.
На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.
„Ако не се лажам мандатот на бугарскиот Парламент завршува на 26 март и од 26 март во рок од 60 дена ќе бидат одржани редовните парламентарни избори. Така што, ќе видиме дали ќе биде, се разбира тоа е нивна внатрешна работа, значи пролетта очекуваме таму да има избори. Факт е дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања. Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето коешто не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, немаме од што да бегаме, кажавме јасни позиции и сме кристално чисти, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома. Штом завршат изборите да видиме, да бидеме подготвени, да влеземе во тој процес да ги убедиме дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ го врати проширувањето на листата на приоритети на Европската Унија, не соодветствува со ова што сега ни го прави“,
истакнува Димитров.
Можеби некои земји имаат поголем интерес, можеби некои земји имаат помал интерес, меѓутоа за нас имаше 26 земји членки кои сакаа да почнат преговорите. Некои повеќе, некои помалку, но немаше ниту една која го поддржа ветото на Бугарија, вели Димитров во интервјуто.