На прашање за ставот на ЕК за испраќање на европски мировни сили во Украина по евентуалното постигнување договор за прекин на огнот, Ел Ануни истакна дека тоа прашање е во надлежност на земјите членки и не е работа на Комисијата да предлага нешто такво
Европската Унија има јасна позиција во однос на Украина и внимателно следи сè што се случува поврзано со земјата, изјави денеска заменичката главна портпаролка на Европска комисија, Аријана Подеста, во одговор на новинарско прашање за очекувањата на ЕУ од средбата на претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, во Вашингтон.
„Нашата позиција е кристално јасна од самиот почеток и останува непроменета. Ние работиме за постигнување праведен и траен мир за Украина“, изјави Подеста.
Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни, додаде дека ЕУ не отстапува од ставот „ништо за Украина без Украина и ништо за украинската безбедност без ЕУ“, затоа што „безбедноста на Украина е и безбедност на ЕУ“.
„ЕУ и САД имаат заеднички интерес за праведен и траен мир во Украина. Мир преку зајакнување. Мора да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција пред какви било преговори“, рече Ел Ануни, додавајќи дека во моментов е важно да не се западне во замките што ги поставува Русија.
На прашање за ставот на ЕК за испраќање европски мировни сили во Украина по евентуалното постигнување договор за прекин на огнот, Ел Ануни истакна дека тоа прашање е во надлежност на земјите членки и не е работа на Комисијата да предлага нешто такво.
„Знаеме дека на Украина ѝ треба повеќе муниција, посилна противвоздушна одбрана и поголема поддршка за нејзината одбранбена индустрија. Мора да ѝ го дадеме на Украина тоа што ѝ треба за да победи во оваа војна. Тоа е јасно и тоа е сега наш приоритет“, додаде Ел Ануни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Се очекува Зеленски да побара од Трамп безбедносни гаранции за Украина, а двајцата лидери подоцна денеска ќе потпишат договор за искористување на украинските минерали. Според нацрт-договорот, Украина ќе издвои 50 отсто од приходите од своите природни ресурси за овој фонд.
Трамп, меѓутоа, изјави дека нема да даде многу безбедносни гаранции бидејќи Европа ќе го стори тоа.
Велика Британија и Франција ја разгледуваат можноста да испратат мировни трупи во Украина за да обезбедат почитување на евентуалниот прекин на огнот меѓу Киев и Москва.