Стравувањата во Брисел се дека Доналд Трамп ќе се обиде да ги укине американските санкции против Русија како дел од напорите за постигнување мировен договор со Кремљ
Европската Унија воведува нов пакет санкции кон Русија кој, како што јавуваат светските агенции, ќе го опфати увозот на алуминиум и десетици т.н. „сенишни бродови“ кои тајно извезуваат руска нафта под цените наметнати од Западот.
Според Ројтерс, претставниците на земјите членки на ЕУ постигнале согласност за новиот пакет санкции. Неговото одобрување, според „Гардијан“, има дополнителна тежина бидејќи доаѓа по состанокот меѓу САД и Русија за постигнување договор за ставање крај на војната во Украина.
Стравувањата во Брисел се дека Доналд Трамп ќе се обиде да ги укине американските санкции против Русија како дел од напорите за постигнување мировен договор со Кремљ.
Пакетот санкции, шестнаесетти по ред од почетокот на агресијата на Русија врз Украина во 2022 година, вклучува забрана за увоз на руски алуминиум во ЕУ, кој според дипломатите на ЕУ генерира значителни приходи за Москва.
Дополнително, со санкциите, на 73 брода за кои постојат сомневања дека шверцуваат руска нафта под цените одредени од западните земји, ќе им биде забранет пристапот до пристаништата на ЕУ, иако тоа, како што се наведува, нема да ги опфати сите застарени танкери за кои се смета дека ѝ помагаат на Русија да ги избегне санкциите.
Агенциите, исто така, пренесуваат дека вкупно 48 лица и 35 ентитети се соочуваат со замрзнување на имотот и забрана за патување, иако нивните имиња не се откриваат.
Европската Унија, исто така, ќе ги замрзне дозволите за емитување на осум руски медиуми и ќе исклучи 13 банки од меѓународниот платен систем – СВИФТ.
Во претходниот нацрт на пакетот санкции ЕУ планираше да ја запре продажбата на конзоли за игри и џојстици во Русија бидејќи се сметаше дека можат да бидат пренаменети за воени цели, но засега дипломатските извори не потврдуваат дали и овие ставки ќе се најдат на конечниот список санкции, кој официјално треба да биде објавен следната недела, пишува „Гардијан“.
Инаку, францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе биде домаќин на вториот по ред вонреден самит посветен на Украина и европската безбедност. За разлика од состанокот во понеделникот, овој пат се поканети и Канада и другите европски земји што не присуствуваа на собирот од пред два дена.
Вчера, пак, највисоките американски и руски претставници се состанаа на разговори во Саудиска Арабија, без никакво учество на украински или европски претставници.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа упати критики до својот украински колега Володимир Зеленски во врска со неговите забелешки дека бил изоставен од разговорите меѓу САД и Русија.
Тој, говорејќи во Флорида вчеравечер, рече дека Украина можела да направи договор за да се избегне војната, но не го сторила тоа, а дел од неговите се толкуваат како обвинувања кон Киев дека тој е виновен за инвазијата на Москва пред речиси три години.