Европската Унија има триесет години да ги сведе нето – емисиите на штетни гасови на нула, предвидува првиот европски климатски закон. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека законот ги обврзува сите членки на ЕУ да преземат конкретни мерки за транзиција кон економија со нула нето-емисии до 2050 година.
Со овој закон ЕУ сака да ги поттикне индустриите и приватниот сектор да инвестираат во иновативни технологии кои ќе ги намалат штетните емисии и со тоа да изградат „нов модел на зелен раст“.
„Климатска неутралност е нашата судбина. Текстот на законот е кус и едноставен, ја обврзува ЕУ да ги воведе климатските цели во сите закони и политики, ова е обврска и нуди транспарентност за инвеститорите, индустриите, властите, им дава сигурност за тоа што треба да се постигне“,
изјави Фон дер Лајен.
Соседните и партнерските земји на Европската Унија ќе мораат, исто така, да се приспособат на ова, изјави претседателката, со воведување корективен механизам. Законот предвидува од 2030 година да се процени дали ЕУ е на добар пат да ги постигне своите цели, во спротивно ќе треба да се воведат промени и поправки во политиките и законите.
Грета Тунберг: Законот е само празни зборови на хартија

За екоактивистката Грета Тунберг, која се сретна се европските претставници на дебата во Европскиот парламент, овој закон не е доволен. Тунберг стратегијата на ЕУ ја оцени како „откажување“ од борбата против климатските промени бидејќи, како што вели, законот не ги зема предвид научните сознанија и факти и не е доволно амбициозен.
„Нула нето-емисии до 2050 за ЕУ значи дека се предава. Тоа значи откажување. Не ни требаат само цели за 2030 и 2050 година. Нам ни требаат за 2020 година и секој следен месец и година. Затоа што далечни цели за нула емисии ништо нема да значат ако продолжиме да го игнорираме буџетот на јаглерод диоксидот. Ако високите емисии продолжат сега, дури и за неколку години, тој буџет целосно ќе се потроши“,
предупреди Тунберг.
Потпретседателот на Европската комисија, задолжен за климата, Франс Тимерманс, изјави дека не се согласува со нејзиниот став, но дека го почитува. Тој ѝ се заблагодари на Тунберг бидејќи, како што рече, без нејзиното движење најверојатно немаше да постои „Зелениот пакт“.
Европскиот зелен пакт е врвниот приоритет на мандатот на оваа Европска комисија, која со усвојувањето на првиот климатски закон се обврзува да постигне климатска неутралност до 2050. Доколку законот биде усвоен од Советот на ЕУ и Европскиот парламент, Европската комисија ќе може да ги коригира политиките на земјите членки доколку преземаат чекори кои ја оддалечуваат Унијата од неутралноста.