За Европската унија замолчувањето на медиумите „Ехо на Москва“ и „ТВ Рејн“ кои критички известуваа за руската инвазија врз Украина, се прави со цел да им се даде лажна слика на руските граѓани за состојбата во Украина
Европската дипломатска служба денеска ја осуди репресијата врз демонстрантите против војната во Русија и затворањето на двата руски медиуми кои критички известуваа за руската инвазија врз Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Властите во Москва вчера ги забранија радиото „Ехо на Москва“ и „ТВ Рејн“ кои не можат повеќе да емитуваат ниту да објавуваат на интернет. Радиото „Ехо на Москва“ е во стечај.
За Европската унија замолчувањето на овие два медиума, кои важат за антивладини во Русија, се прави со цел да им се даде лажна слика на руските граѓани за состојбата во Украина.
Истовремено, во Русија се одржуваат бројни антивоени протести. Според Европската унија, досега вкупно 760 демонстранти биле приведени од полицијата во 120 различни градови.
„Фактот што моментално се изготвува закон во руската Дума кој ќе овозможи да се осудат на 15 години затвор оние кои изразуваат мислење различно од официјалната линија е многу загрижувачки“,
стои во реакцијата на ЕУ.
ЕУ ја поздравува храброста на руските граѓани кои отворено се спротивставуваат на војната во Украина и медиумите и невладините организации кои ги бранат демократијата, слободата и владеењето на правото во Русија и покрај репресијата на властите.