Европската унија ја осудува затворската казна на руските власти за Алексеј Навални и смета дека е неприфатлива бидејќи е политички мотивирана и е спротивна на меѓународните обврски за човекови права, на кои Русија е потписник, изјави денеска шефот на европската дипломатија Јозеп Борел.
„ЕУ ги повикува руските власти да ги почитуваат нивните национални и меѓународни обврски за почитување на човековите права и да обезбедат еднаквост пред законот, вклучувајќи го и правото на фер судење. ЕУ го повторува својот повик за итно и безусловно ослободување на Навални, како и на сите граѓани и новинари кои беа уапсени заради остварување на нивните права на мирно собирање и слобода на изразување“,
рече Борел.
Првиот европски дипломат соопшти дека на претстојниот состанок на министрите за надворешни работи ЕУ ќе разговара за „импликациите и можните натамошни активности“ на ова прашање, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Рускиот опозиционер Алексеј Навални вчера од судот во Москва беше осуден на затворска казна, а беше проглаен за виновен затоа што ја прекршил условната казна додека бил на лекување во Германија, по труењето со нервниот агенс „Новичок“.
Во 2014 година тој бил осуден на условна казна за наводна финансиска проневера, за која Европскиот суд за човекови права во 2017 година утврди дека е произволна и очигледно неразумна.