Ноќта помеѓу 2 и 3 јули полицијата интервенираше на неколку локации во Белград и Нови Сад каде што се одржуваа протести и блокади. Студентите и граѓанските здруженија кои учествуваа на протестите ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила, а неколку опозициски партии побараа оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ
Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Србија ги осуди, како што наведе, актите на омраза и насилство во Србија на 3 јули, повикувајќи да се избегне ескалација на тензиите.

„Внимателно ја следиме ситуацијата и повикуваме на избегнување на каква било ескалација на тензиите. Остро ги осудуваме сите акти на омраза и насилство. Правото на мирен протест, слободата на собирање и слободата на изразување мора да се зачуваат“,
соопшти Делегацијата на ЕУ во Србија.
Оттаму дополнително наведуваат дека полициските акции мора да бидат пропорционални и да ги почитуваат основните човекови права. Во оваа смисла Делегацијата на ЕУ во Србија наведува дека очекува брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводите за прекумерна употреба на сила на протестите.
„Секое лишување од слобода или кривична санкција мора да се заснова на основано сомнение дека е сторено кривично дело и мора да биде оправдана и пропорционална“,
се додава во соопштението.
Ноќта помеѓу 2 и 3 јули полицијата интервенираше на неколку локации во Белград и Нови Сад каде што се одржуваа протести и блокади, наведувајќи дека се приведени 79 лица. Студентите и граѓанските здруженија кои учествуваа на протестите ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила, а неколку опозициски партии побараа оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Најновите блокади во градовите низ Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по големиот протест одржан во Белград на 28 јуни.