Предлогот е на Германија, а одлуката официјално треба да биде потврдена на денешниот состанок на дипломатите на ЕУ
Германија предложи Европска Унија да ги отстрани Србија и Црна Гора од листата безбедни земји, додека за вклучувањето на САД на листата не било разговарано, со оглед на големиот раст на заразени со ковид-19, јавија западните медиуми повикувајќи се на неименнувани извори.
Предлогот вчера бил поддржан од неколку држави, меѓу кои Франција, Шпанија и Холандија.
Одлуката официјално треба да биде потврдена на денешниот состанок на дипломатите на ЕУ.
Земјите на ЕУ разговараа и за отстранување на Алжир и Мароко од списокот поради пораст на случаите, но повеќето се спротивставија на тој потег затоа што бројките се уште се релативно ниски.
Листата е само препорака и сите земји-членки на ЕУ не ги применуваат нејзините одредби.
По исклучувањето на Србија и на Црна Гора, 13 земји ќе останат на листата на безбедни земји – Алжир, Австралија, Канада, Кина, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај. И покрај тоа што и Кина е на листата, патувањата ќе бидат дозволени само ако кинеските власти дозволуваат и посетители од ЕУ. Условот за реципроцитет не се применува во случај на другите наведени земји.