Секоја глорификација на воените злосторници, негирање на геноцидот и ревизионизам е во спротивност со најосновните европски вредности и нема место за нив ниту во Европската Унија ниту во земјите кои се кандидати за членство во тој блок, изјави денес портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, по повод смртта на хашкиот затвореник Ратко Младиќ

Одлуката на претседателот Александар Вучиќ државата да учествува во префрлањето на телото на Ратко Младиќ во Србија и да овозможи јавна комеморација за него, претставува неприфатливо величање на осуден воен злосторник и сторител на геноцид и тешка навреда за неговите жртви, предупреди парламентарната група Социјалистите и демократите, втора најсилна во Европскиот парламент, пишува српски Н1.
Во објава на Инстаграм, Социјалистите и демократите оценија дека Александар Вучиќ, со величање на Ратко Младиќ – „босанскиот касап“, уште еднаш покажал презир кон европските вредности.
„Нема место во Европската унија (ЕУ) за величање на воените злосторници. Нема повеќе отстапки. ЕУ мора да го повика Вучиќ на одговорност. А конзервативната Европска народна партија конечно мора да одлучи дали ќе продолжи да ја држи партијата на Вучиќ во своите редови или ќе се залага за европските вредности“,
се вели во објавата од Социјалистите и демократите.
Социјалистите и демократите потсетуваат дека Младиќ почина во затворот во Хаг на 27 август, додека отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид, злосторства против човештвото и други воени злосторства, вклучувајќи ја и неговата улога во геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево.
„Цврсто стоиме со семејствата на жртвите, како и со сите оние кои сè уште ги носат лузните од тие злосторства“,
додаваат социјалистите и демократите.
Секоја глорификација на воените злосторници, негирање на геноцидот и ревизионизам е во спротивност со најосновните европски вредности и нема место за нив ниту во Европската унија ниту во земјите кои се кандидати за членство во тој блок, изјави денес портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, по повод смртта на хашкиот затвореник Ратко Младиќ.
Во писмена изјава, објавена на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), а споделена од амбасадорот на Европската унија (ЕУ) во Белград, Андреас фон Бекерат, Виганд посочи дека Младиќ бил осуден воен злосторник кој извршил воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото.
„Тој почина додека отслужуваше доживотна казна затвор за злосторства против човештвото и геноцид во Сребреница. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го осуди на доживотен затвор во 2017 година, опишувајќи ги неговите злосторства како едни од најгрозоморните злосторства познати на човештвото“,
се вели во писмото.
EU/EEAS Spokesperson Statement on the death of Ratko Mladić:
— A von Beckerath (@vBeckerath) September 7, 2026
”Any glorification of war criminals, genocide denial and revisionism contradict the most fundamental European values and have no place in the EU or in EU candidate countries. Reconciliation and good neighbourly…
Виганд оцени дека вооружените конфликти на Западен Балкан во 1990-тите беа меѓу најмрачните моменти во поновата историја на Европа и посочи дека помирувањето и добрососедските односи во тој регион „остануваат од клучно значење за градење заедничка иднина“.
„Изразуваме солидарност со сите жртви, преживеани и нивните семејства кои страдаа од воени злосторства во земјите од поранешна Југославија. ЕУ е партнер на сите земји од Западен Балкан со цел да ги поддржи нивните напори за промовирање на помирувањето и регионалната стабилност, како и да пронајде и спроведе конечни и инклузивни решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право“,
се додава во писмото.
