Претседателот на Еропскиот Парламент Давид Сасоли во одговор на писмото на претседателите на Парламентите од земјите од Западен Балкан, наведува дека Европската унија веќе бара начини како да ги вклучи земјите од Западниот Балкан во своите механизми за справување со пандемијата со ковид-19.
Претседателите на парламентите на Северна Македонија Талат Џафери, на Албанија Грамоз Ручи, на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на БиХ Денис Звиздиќ, на Народниот дом на Парламентарното Собрание на БиХ Драган Човиќ, на Косово Вјоса Османи, на Црна Гора Иван Брајовиќ и на Србија Маја Гојковиќ на 25 март упатија апел за помош на Западен Балкан во борбата против пандемијата на ковид– 19 до претседателот на ЕП Давид Сасоли и до претседателката на ЕК Урсула вон дер Лајен.
„Живееме во време на предизвик без преседан, предизвикан од пандемијата ковид-19. Глобалните проблеми не можат да имаат национални решенија и, на многу начини, оваа пандемија на коронавирус е тест за нашата европска солидарност. Институциите на ЕУ направија добро и претставија еден унитарен фронт во предлагањето на европски решенија – решенија засновани на солидарност и кои се стремат да не ги остават зад себе најранливите земји. Западен Балкан е дел од нашето европско семејство и нивната европска определба е несомнена “,
пишува Сасоли во одговорот.
Сасоли понатаму, уверува дека ЕУ веќе бара начини да го вклучи регионот во своите механизми за одговор за да бидат заштитени од негативните последици од оваа криза, потенцирајќи дека ова е време за солидарност.
„Ако останеме обединети, можеме да излеземе посилни од кризата“,
наведува во одговорот Сасоли.
Во писмото што го упатија до Сасоли и до претседателката на ЕК Урсула вон дер Лајен, претседателите на парламентите бараа поддршка земјите од Западен Балкан да бидат изземени од одлуката за рестрикција на извоз на медицинска опрема од Европската Унија со цел да преку споделување на искуства и снабдување на неопходната опрема и медицински апарати, стане дел од Заедничкиот Европски Одговор во контекст на борбата против ковид– 19.
Тие бараат разгледување на вклученоста на регионот на Западен Балкан во ЕУ плус шема на авторизиран извоз, овозможување на регионот на Западен Балкан, доколку е неопходно, да стане дел од Заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки и оттука да учествува во заедничката набавка на медицинска и заштитна опрема за борба против пандемијата со ковид– 19 и разгледување на можноста за дозвола на регионот на Западен Балкан да ги пренамени постојните фондови од Инструментот за претпристапна помош (IPA II) за борба против пандемијата на ковид– 19, како и користење на сите други фондови достапни од разните ЕУ фондови достапни за оваа намена.