„Вечерва завршуваат сервисните и ремонтните активности на генераторот и на другата опрема во ТЕЦ Неготино, и утре во 7:30 часот почнуваат активностите за ставање на електраната во функција на производство“, информираат од ЕСМ
АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) информира дека вечерва завршуваат сервисните и ремонтните активности на генераторот и на другата опрема во ТЕЦ „Неготино“, а од утре во 7:30 часот почнуваат активностите за ставање на електраната во функција на производство.
Оттаму додаваат дека во договорот со економскиот оператор кој ги изведувал работите бил наведен 15 декември како датум за завршување на зафатите, но како што посочуваат, рокот е скратен за десет дена поради засилениот ангажман и интензитет на работа, како и надзор од страна на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и на директорот на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.
„Во сервисните и ремонтните активности беа вклучени економскиот оператор ‘Монтинг Инженеринг’, вработените во ТЕЦ ‘Неготино’, АД ЕСМ, РЕК ‘Битола’ и консултанти од производителот од Украина. Генераторот е произведен во 1975 година и во ТЕЦ ‘Неготино’ е ставен во употреба во 1978 година. Ова е прво отворање и големо ремонтирање на генераторот“,
се наведува во соопштението на ЕСМ.
Претходно, од ЕСМ информираа дека од вчера попладне на мрежа е вклучен и ТЕЦ „Осломеј“ и произведува електрична енергија во електро-енергетскиот систем.