Од ЕСМ очекуваат санацијата на проблемот да заврши до понеделник

РЕК „Битола“ утрово работи само со еден блок по вчерашниот испад на Комбинатот од македонскиот електроенергетски систем.
Од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) очекуваат санацијата на проблемот да заврши до понеделник.
„Вчера доцна попладне во функција беше ставен Блок 1. Неочекуваниот испад на блокот поради прекин на напојувањето предизвика проблем во котелот на Блок 1 поради што постројката во текот на денот ќе биде исклучена од мрежа. Се очекува санацијата на проблемот да заврши до понеделник, по што Блок 1 ќе биде повторно ставен во функција“,
велат од ЕСМ.
Со тоа, додаваат оттаму, РЕК „Битола“ ќе продолжи со работи со два блока.
Од ЕСМ велат дека во тек се пуштачки операции на Блок 3 кои вчера биле прекинати поради испадот на 110-киловолтна собирница на МЕПСО.
„Постројката ќе биде ставена на мрежа во текот на денешниот ден. Ремонтот на Блок 2 на РЕК ‘Битола’ се одвива непречено и согласно предвидената динамика“,
додаваат од ЕСМ.