Според помошник-директорката за топлинска енергија во ЕСМ Александра Маројевиќ, заклучно со вчерашниот ден се потпишани вкупно 3.800 договори
Новите договори за парно греење за скопјани се поставени на страната на ЕСМ Снабдување на следниот линк , соопшти фирмата. Потрошувачите договорот треба да го испечатат во два примерока, да ги пополнат и двата примерока и да ги предадат во еден од наплатните пунктови, при што ќе приложат на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач.
Договорот треба да го поднесе лично потрошувачот на чие име се води сопственоста на станбениот простор во објектот. Ако сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во наплатниот пункт, може да ополномошти друго лице, кое во негово ќе го потпише потребниот договор.
Според помошник-директорката за топлинска енергија во ЕСМ Александра Маројевиќ, заклучно со вчерашниот ден се потпишани вкупно 3.800 договори.
Таа истакна дека при потпишување на договорот, потребно е да се наведе имотниот лист на објектот или дел од објектот за кој се склучува договорот. Ако потрошувачот нема имотен лист, нивниот службеник на шалтерот ќе пристапи до катастарот и во негово присуство ќе го запише бројот на имотен лист на недвижноста, на која се потпишува договорот за испорака на топлинска енергија.
„За наредниот период подготвуваме и други начини, во смисла двата примерока од договорот потрошувачите да ги добијат по пошта, особено за оние кои немаат можност да го испечатат, а за оние кои нема да можат да ги искористат овие понудени можности заради различни здравствени причини, да ги посетиме во нивните домови. И други опции се во план, но како ги реализираме, така ќе ги известиме нашите потрошувачи“,
рече Маројевиќ.
Во Скопје постојат три пункта, со работно време од понеделник до петок од 8 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот и тоа на улиците Кочо Рацин бр. 33 кај Олимписки базен, Јане Сандански бр. 49 во Аеродром и на Лондонска бр. 8 во Тафталиџе.