Ако ЕСМ директно им ја продава струјата на основните, средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и пречистителните станици, тие ќе добиваат пониска цена на електричната енергија од пазарната, предлага првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски
Наместо да се финансира „ЕВН хоум“ и да му се плаќа маржа, „Елекрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) треба директно да им ја продава струјата на основните, средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и пречистителните станици.
Ова го предлага првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, со цел овие институции да добиваат пониска цена на електричната енергија од пазарната.

„Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ‘ЕВН Хоум’ да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции“,
рече Бислимоски во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Со ова, како што посочи Бислимоски, ќе им се помогне на училиштата, компаниите и јавните комунални претпријатија со цена која е поволна и прифатлива за нив.
„Со предлогот на опозицијата, доколку се вратат сите овие на регулираниот пазар на електрична енергија, во тој случај цената на електрична енергија што ЕСМ ќе ја продава на ‘ЕВН хоум’ е 48 евра за мегават-час, но маржата на ‘ЕВН хоум’ ќе се зголеми за дополнителни 5 до 6 милиони евра“,
посочи Бислимоски.
Тоа, пак, според претседателот на Регулаторна, дополнително ќе врши притисок за зголемување на цената што ќе ја плаќаат сите потрошувачи на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.