Заменик-помошникот државен секретар за Јужна и Централна Европа и специјален пратеник на САД за Западен Балкан вели дека има напредок во однос на прашањето за заедницата и, како што наведува, „голема еволуција во односот на владата на Косово, а особено на премиерот Албин Курти да ја прифати обврската која произлегува од анексот за спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, вели дека очекува до 2 мај, кога е закажана нова средба на лидерите на Србија и Косово во Брисел, владата во Приштина да излезе со предлог за Заедницата на општини со мнозинско српско население.

„Се надевам дека до 2 мај ќе има изводлив нацрт“,
вели Ескобар во интервју за албанскиот сервис на „Гласот на Америка“, пренесува регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“.
Заменик-помошникот државен секретар за Јужна и Централна Европа и специјален пратеник на САД за Западен Балкан вели дека има напредок во однос на прашањето за заедницата и, како што наведува, „голема еволуција во односот на владата на Косово, а особено на премиерот Албин Курти да ја прифати обврската која произлегува од анексот за спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Тоа е постоечка обврска, според Бриселскиот договор, што беше многу тешко за владата, а особено за таа партија, да го прифатат како обврзувачки, но сега зборуваат за тоа како обврска. Тие се согласија на тоа и јавно кажаа која е рамката и кои треба да бидат параметрите за формирање на заедницата, а ние се согласуваме со тие параметри“,
рече Ескобар.
Високиот функционер на американскиот Стејт департмент вели дека САД ќе ги признаат изборите на северот на Косово, кои треба да се одржат в недела, дури и ако Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, ги бојкотира. Според Ескобар, „бојкотот не ги дефинира изборите“.
„Ние поканивме, а јас лично интервенирав и ја поканив Српска листа да учествува и да не се откаже од влијанието што може да го има. Тие самите решија да не учествуваат. Но, овие избори се уставна обврска“,
рече тој.
Во тој контекст, Ескобар кажа дека има луѓе кои не можат да добијат услуги од институциите бидејќи нема лидери и оти се надева дека Србите на Косово ќе најдат начин да се вратат во институциите.
„Ако овие избори се фер и праведни, какви што очекувам дека ќе бидат, од наша перспектива резултатот ќе биде легитимен“,
рече Ескобар.
Сепак, како што вели, бојкотот на изборите не треба да го одложи формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).
„Таа обврска е непосреден, постоечки услов. Без разлика кој е на власт, таа институција, заедницата, мора да се формира“,
вели дипломатот.
Тој го пофали договорот од Охрид како „извонреден“ и рече дека доколку правилно се имплементира, ќе воведе „нова ера во односите меѓу Србија и Косово“ и ќе го отвори патот за нивната евроатлантска иднина.
Договорот од Охрид беше постигнат на 18 март, кога по дванаесетчасовна средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, и специјалниот претставник Мирослав Лајчак, постигнаа согласност за анексот за имплементација на договорот помеѓу двете земји за нормализирање на односите.
Европската Унија (ЕУ) оформи заеднички надзорен одбор кој ќе го следи спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Инаку, в недела на 23 април треба да се одржат вонредни избори за градоначалници во општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ на северот на Косово. Истиот ден треба да се одржат и избори за општинско собрание во Звечан и Лепосавиќ.
Вонредните избори се одржуваат откако градоначалниците од Српска листа поднесоа оставки на почетокот на ноември, минатата година како реакција на одлуката на косовската влада за пререгистрација на автомобили од српски на косовски регистарски таблички, што предизвика тензии и блокади на северот на Косово. Тогаш косовските институции на север ги напуштија и вработените во администрацијата, полицијата и судството. Локалните избори првично беа закажани за 18 декември минатата година, но беа одложени на барање на меѓународната заедница поради инциденти кои ги следеа подготовките за овој процес.