Посетата на заменик-помошникот државeн секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан вчера ја најави и Амбасадата на САД во Скопје на својата фејсбук-страница, при што се посочува дека на средбите со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи се очекува да се разговара за повеќе теми и заеднички приоритети за регионот
Заменик-помошникот државeн секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Предвидено е Ескобар и Османи, по средбата во МНР, да имаат и заедничка прес-конференција.
Посетата вчера ја најави и Амбасадата на САД во Скопје на својата фејсбук-страница, при што се посочува дека се очекува да се разговара за повеќе теми и заеднички приоритети за регионот.
Се очекува на средбите во Скопје да стане збор за актуелните политички случувања во земјава и во регионот, како и за евроинтеграцијата и бугарската блокада на Северна Македонија.
Ескобар неодамна во обраќањето пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика на САД се заложи Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава.
„Најсилната порака што ЕУ сега може да ја испрати е да започне преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа календарска година. Со тоа ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на Русија и Кина кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан“,
рече Ескобар.
Укажа и дека Скопје и Тирана ја завршиле тешката работа што од нив се барала и оти процесот треба да започне без одложување, посочувајќи на заедничката изјава на државниот секретар Ентони Блинкен и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел дека евроинтеграцијата е единствена надеж за регионот.