Со Владимир Путин се договоривме за создавање на гасен центар во нашата земја преку кој природен гас може да се испорачува во Европа, вели турскиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека тој и рускиот претседател Владимир Путин се договориле за формирање центар за природен гас во Турција. Тој рече дека Европа ќе добива гас преку Турција, пишува Ројтерс.
„Во Европа сега се занимаваат со прашањето како да се загрееме во претстојната зима. Ние немаме таков проблем. Со Владимир Путин се договоривме за создавање на гасен центар во нашата земја преку кој природен гас може да се испорачува во Европа. Европа да нарача гас од Турција“,
рече Ердоган, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Говорејќи на форумот „Руската недела на енергетиката“ минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин предложи во Турција да се создаде најголемиот гасен центар во Европа и да се пренасочи обемот на гас, чиј транзит повеќе не е возможен преку Северниот тек, до овој центар. Според него, тоа може да подразбира изградба на уште еден гасоводен систем и создавање центар во Турција, преку кој гас ќе се доставува до трети земји, пред се европски, доколку се заинтересирани.
За создавање гасен центар во Турција се разговараше на 13 октомври во Астана на разговорите меѓу рускиот и турскиот претседател. Според Ердоган, центарот треба да се формира што е можно поскоро и најпогодно место за него е регионот Тракија во европскиот дел на Турција.