Во телефонскиот разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган повтори дека „Шведска мора да преземе чекори за фундаментални прашања како што е борбата против тероризмот“, се вели во соопштението од Кабинетот на турскиот претседател
Андерсон рече дека разговорот со Ердоган поминал добро
Анкара ја обвини Финска, а особено Шведска, дека обезбедуваат безбедно засолниште за нелегалните курдски екстремисти, чии децениски немири против турската држава однесоа десетици илјади животи
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека не е постигнат напредок во кандидатурата на Шведска за членство во НАТО и го повика Стокхолм да преземе „конкретна акција“ за да ја намали загриженоста на Анкара, соопшти неговиот кабинет.
Во телефонскиот разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган повтори дека „Шведска мора да преземе чекори за фундаментални прашања како што е борбата против тероризмот“, се вели во соопштението од Кабинетот на турскиот претседател.
Финска и Шведска во понеделникот во Брисел разговараа со Турција за најавената блокада на нивните кандидатури за НАТО, но Анкара ги отфрли надежите дека спорот ќе биде решен пред самитот следната недела, како што најавуваа високи претставници на САД.
Турските власти соопштија дека Анкара не го гледа самитот на НАТО на крајот од овој месец како краен рок за решавање на приговорите на Анкара.
Анкара ја обвини Финска, а особено Шведска, дека обезбедуваат безбедно засолниште за нелегалните курдски екстремисти, чии децениски немири против турската држава однесоа десетици илјади животи.
Ердоган ѝ рекол на Андерсон дека Шведска „треба да направи конкретни промени во својот став“ кон забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и нејзините сириски филијали, соопшти претседателството во Анкара.
„Во тој поглед, Шведска не презеде вистинска акција за да го реши проблемот со Турција“,
се додава во информацијата.
Турскиот лидер, исто така, изрази надеж дека Шведска ќе го укине ембаргото за оружје воведено на Турција од Стокхолм во 2019 година поради воената офанзива на Анкара во Сирија.
Тој, исто така, рече дека се надева оти ограничувањата на турската одбранбена индустрија ќе бидат укинати и дека Шведска ќе екстрадира неколку лица обвинети од Анкара за соучесништво во тероризам.
Андерсон, која стана премиерка кон крајот на минатата година, рече дека разговорот со Ердоган поминал добро.
Таа на Твитер напиша дека се договориле за важноста да се постигне напредок пред самитот на НАТО следната недела во Мадрид, каде со нетрпение очекува да се сретне со претседателот Ердоган и со другите лидери на Алијансата.
Телефонскиот разговор доаѓа откако Ердоган разговараше за кандидатурата на двете страни со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.
Ердоган, исто така, му рекол на Столтенберг дека „Шведска и Финска мора да преземат конкретни и искрени чекори“ против забранетите курдски екстремисти, соопшти претседателството.
Столтенберг рече дека имал „позитивен разговор“ со како што го нарече. „нашиот вреден сојузник“ Ердоган.
„Се договоривме да ги продолжиме преговорите во Брисел и Мадрид следната недела“,
напиша тој на Твитер.