Откако Антидискриминациска кажа дека ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд доколку епископот се извини за неговите изнесени дискриминирачки ставови, тој, пак, вели дека е подготвен да биде изведен пред суд, но и на многу повеќе, за тоа што, како што вели, ја говорел и исповедал вистината
Епископот тврди дека сите искажани ставови во врска со родот и родовиот идентитет, ги темели на ставовите на врвни светски стручни лица, доктори, психолози и психијатри
Епископот Јаков Стобиски, кому Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) му наложи јавно да се извини поради искажани дискриминирачки ставови врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, вели дека ги одбива препораките на Комисијата.
Откако Антидискриминациска кажа дека ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд доколку епископот се извини, тој, пак, вели дека е подготвен да биде изведен пред суд, но и на многу повеќе, за тоа што, како што вели, ја говорел и исповедал вистината.
„Би сакал топло да ѝ се заблагодарам на Комисијата за трудот да состават вакво капитално дело, прво од ваков вид упатено кон владика кој не ги застапува нивните родово-идеолошки ставови. Голема благодарност и за препораките да замолчам и да се извнинам, но и јас им испраќам топол поздрав и ги известувам дека нивните препораки не се прифаќаат – подготвен да бидам суден, но и на многу повеќе, за тоа што сум ја говорел и исповедал вистината“,
се вели во писмената реакција на епископот на наводите и препораките на Антидискриминациската комисија.
Во реакцијата испратена до медиумите, епископот вели дека неодамна добил претставка од Квир центарот во Скопје во која било наведено оти тој извршил говор на омраза и насилство со тоа што во гостување на емисија на национална телевизија кажал дека за некое лице да биде трансродово, треба да биде дијагностицирано со патолошка состојба наречена родова дисфорија или растројство на родовиот идентитет.
Ваквиот став, тврди тој, го потврдуваат врвни светски стручни лица, доктори, психолози и психијатри.
Додава оти веднаш одговорил на таквите обвинувања и испратил детален одговор до Антидискриминациската комисија во која навел линкови од светски реномирани медиуми, прирачници за психијатри и изјави од доктори и психолози кои ги потврдуваат ставовивите кои ги изнел.
Во одговорот до Комисијата, Стобиски испратил и линк од веб-страницата на подносителот на претставката (Квир центарот) каде што, како што вели, се наведува дека „транссексуалните личности се луѓе кои патат од она што во медицината се нарекува родова дисфорија“ и дека тоа е „медицинска состојба“.
„Иако во самата емисија јас бев доста јасен и концизен дека црквата го љуби секој човек, без разлика колку и да е грешен, и дека на секој што страда треба да му се помогне, и иако во одговорот образложив дека насилство може да се смета тоа што подносителот на претставката сака да го смени природниот ред и општоприфатениот установен начин на однесување со тоа што сакаат да прифатиме дека маж може да стане жена и да се натпреварува во сите општествени сфери со жените, Комисијата реши дека јас сум ги повредил чувствата на, како што вели Ирена Цветковиќ, помалку од 100 трансродови лица, и тие се чувствувале многу вознемирени. Колку вознемирени биле и како ја оцениле вознемиреноста, тоа не знаеме“,
вели епископот Стобиски во реакцијата испратена до медиумите.
Оваа, како што вели тој, Комисијата ја припоила со уште една претставка од коалиција „Маргини“, која била доставена еден месец по првата, а за која, како што тврди епископот, не бил известен и не му било овозможено законското право да одговори. Вели оти претставките биле за искажани ставови за родот и родовиот идентитет – нешто кое што, како што вели, не постои во законите во земјава и не е правно признато.
„И не само тоа, туку и наведуваат дека сум дел од некаква мобилизација против родовата еднаквост и ЛГБТ-правата која е финансирана од САД, дека мене некој ме плаќа за да си го љубам народот и децата. Патем, тие обвинуваат, а докази, се разбира немаат доставено зашто не постојат. Наведуваат дека родовата дисфорија е депатологизирана и ставена во ‘состојби поврзани со сексуалното здравје’, а намерно изоставаат да кажат дека депатологизација не може да се изврши кога сè уште стои во класификација за болести и сродни здравствени проблеми и самиот збор ‘состојба’ на англиски значи – здравствен проблем“,
додава епископот Стобиски во писмената реакција.
Во писменото соопштение тој додава оти сите овие документи ќе бидат објавени јавно за, како што вели, јавноста да види со какви лаги и манипулации се служат за да ги уценат и замочлат оние со здрав разум.
„Ова е таа ‘демократска придобивка’, каде пресумпцијата за невиност е згазена и избришана со единствена цел сите да се држат во постојан страв од поднесување на претставки и замолчување на секој оној што ќе се осуди да каже нешто што нема да им се допадне на членовите на Комисијата“,
заклучува епископот.
Реакцијата на епископот Јаков Стобиски следува откако претходно денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) му наложи да се извини јавно поради, како што соопштија од Комисијата, дискриминацијата која епископот ја извршил врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Ако не се извини, Антидискриминациската комисија најави дека ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.