Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Комисијата му наложи на епископот да се извини јавно, а доколку тој не го стори тоа, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд
Комисијата нотирала дека при јавните настапи епископот Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ-луѓето. Во одлуката се вели дека иако Стобиски има право да ги искажува своите мислења и ставови јавно, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група луѓе или, пак, јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање.
„Преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн., Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство и создал непријателска и застрашувачка средина. Претставувајќи ја и зборувајќи за трансродовоста како за „епидемија на трансџендеризам“, „настраност“, „пореметување“ итн., тој тенденциозно, но и погрешно ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно. Дотолку повеќе, со ваквиот говор тој поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи, со тоа што предизвикал и охрабрил лавина реакции на социјалните мрежи во кои е содржан вознемирувачки говор кон ЛГБТИ-лицата“,
се вели во соопштението.
Епископот Јаков Стобиски во изминатиот период гласно и јавно говори против антиродовото движење и ЛГБТИ-популацијата. Тој во неколку телевизиски гостувања, но и на јавни трибини истакнуваше дека овие лица се штетни за општеството, а воедно ги нарекуваше болни, сатанисти и посланици на ѓаволот. Инаку, освен барањето за негово јавно извинување, од КСЗД препорачуваат епископот во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА), денеска објавија видеопорака од г. г. Стефан, кој ги повика православните верници, но и сите останати граѓани на сенароден собир на 29 јуни пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.
„Возљубени, секој од нас, но и сите заедно имаме света должност она што сме го примиле и наследиле од нашите предци и како посебност и како сечовечко наследство и предание да го продолжиме и да го оставиме на поколенијата по нас. Со тоа го чуваме не само минатото, туку обезбедуваме и иднина како припадници и на својот народ и на општочовечката заедница. Бранејќи ги и чувајќи ги достоинствено тие придобивки ќе ги исполниме своите обврски и кон Бога и кон својот род“,
рече поглаварот на МПЦ ОА во видеообраќањето.
Сенародниот собир е наречен „Имаме должност“, а соопштението на МПЦ ОА дојде во пресрет на „Парадата на гордоста“ која викендов се одржа во Скопје.
Видувања и коментари за најавениот протест на МПЦ ОА искажаа активистката и членка на организацискиот одбор на „Скопје прајд“, Ирена Цветковиќ, и пратеничката во Собранието од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето, Санела Шкријељ, во гостувањето во петочното издание на емисијата „360 степени“.
Двете се со став дека станува збор за демократско право, но потсетуваат и реагираат на тоа што МПЦ ОА останала глува и не дала поддршка на барањата на други загрозени групи во општеството. Како пример, Цветковиќ го посочи протестот на лицата со попреченост кои кампуваа пред Владата, на кој, како што вели, не видела ниту еден од верските лидери да излезе со поддршка.
„Демократско право како и на секој да излегува на протест. Како некоја која е сограѓанка на луѓето коишто ќе одат на тој протест, јас само би кажала се надевам дека со иста жар и посветеност ќе се борат и за други прашања и ќе ги потсетам дека пред само неколку недели, две ако не се лажам, лицата со попреченост кампуваа пред Владата. Јас седев со нив три вечери и не видов ниту еден од верските лидери да дојде и да даде поддршка, а слушнав хорор-приказни за тоа како е да се живее со попреченост и со примања од 5 000 денари месечно. И во таа смисла ги повикувам веќе наредниот ден да излезат и на друга тема“,
рече Цветковиќ за „360 степени“.