Според информациите од Генералштабот, најголем број од заболените се од единиците во Скопје и во Куманово, тројца војници се хоспитализирани, а другите се во изолација и на домашно лекување, шестмина претходно заразени се излекувани и вратени на работа
Во Армијата на Северна Македонија моментно се активни 29 случаи на ковид-19, вклучително со последните два случаи регистрирани во текот на вчерашниот ден. Тројца од заболените се хоспитализирани, а другите се во изолација и на домашно лекување.
Ова го потврдуваат за „360 степени“ од Генералштабот на Армијата, откако претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста Ристо Ајтов објави денеска на прес-конференција дека е значителна бројката на заболени од коронавирусот меѓу војниците. Тој побара и парична награда за последните три месеци за вработените во Армијата и во Министерството за одбрана, поради дополнителниот ангажман во справувањето со здравствената криза.
„Не би навлегувале во оценки дали бројката на заболени од коронавирусот е мала или голема во однос на вкупната бројка на припадници на Армијата. Во секој случај, армиските припадници не се имуни на вирусот, и покрај тоа што буквално се почитуваат сите мерки, но и армиски наредби за заштита, барем додека сме на работните места. Посебно се внимава и на тоа барем 50 проценти од единицата да е отсутна во одреден период, за да се прават ротации и да се намалат шансите за зараза“,
ни изјавија од ГШ на АРМ
До утрово бројката на активни случаи на ковид-19 во Армијата стигнала до 29, а најголем број на новозаразените се од единиците во Скопје и Куманово, иако има случаи и од единиците во Велес и во Петровец, информираат од ГШ.
Меѓу војниците од единицата од Кичево нема заразени поради случајот во Охрид, каде што поголем број војници заминаа во самоизолација, затоа што беа сместени во ист објект со инфицирани припадници на Единицата за брзо распоредување на МВР.
Дотогаш, според информациите што ги објавивме на 20 мај, во Армијата имаше само еден потврден активен случај на ковид-19, што значи дека речиси сите новозаболени се во периодот по 20 мај и не се поврзани со случајот во Охрид.
„Тие војници, од единицата во Кичево, без симптоми на ковид-19 поминаа по 14 дена во самоизолација, така што, согласно со епидемиолошките протоколи, не беа ниту тестирани и веќе се вратени на работа“,
велат од ГШ на Армијата за „360 степени“.
Првиот случај на коронавирус во Армијата беше регистриран во почетокот на епидемијата, односно кон средината на март. Оттогаш се излекувани и вратени на работа вкупно шест војници што беа заразени. Според тоа, од почетокот на епидемијата во земјава во Армијата се регистрирани вкупно 35 случаи на ковид-19.