Препораката за укинување на едногласното одлучување европратениците ја објаснуваат со тоа дека така процесот ќе биде покредибилен и поефикасен. Во таа насока тие бараат и јасни рокови за завршување на преговорите со земјите што го почнале процесот односно тоа да се заврши до 2030 година
За Србија, пак, препорачуваат таа да напредува во преговорите само доколку се усогласи со европските санкции кон Русија и спроведе суштински реформи
Со 502 гласа „за“, 75 „против“ и 61 „воздржан“ пратениците во Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур на пленарна седница ги изгласаа препораки за новата стратегија на ЕУ за политиката на проширување.
Со нив европратениците ја повикуваат ЕУ да го надмине статус квото и да го обнови процесот на проширување и порачуваат дека проширувањето останува најсилната геополитичка алатка со која располага Унијата. Меѓу препораките е да се укине принципот на консензус односно едногласно одлучување и наместо тоа да се воведе модел на одлучување со квалификувано мнозинство.
„За да биде покредибилен и поефикасен глобален играч, ЕУ треба да ги реформира процедурите за донесување одлуки за пристапување на нови членки и да ја укине потребата од едногласност, заменувајќи ја со квалификувано мнозинство. Европратениците, исто така, ги повикуваат земјите членки да ги исполнат заложбите на ЕУ кон земјите од Западен Балкан и Источното партнерство и да осигурат дека на нив нема да им бидат понудени алтернативи за полноправно членство во Унијата“,
пишува во соопштението за усвоените препораки, објавено на веб-страницата на ЕП.
Да се казни назадувањето, а да се награди напредокот
Со усвоените препораки европратениците бараат демократските реформи и владеењето на правото да бидат главен критериум во процесот на проширување, а до ЕУ се упатува повик финансирањето од европските фондови и неговите резултати да се направат повидливи.
Исто така, сакаат ЕУ да работи во борбата против мешање на трети страни во политичките, изборните и другите демократски процеси на овие земјите што преговараат.
Понатаму, како што се наведува во соопштението, се бара секоја стагнација или назадување во реформскиот процес да се санкционира во реално време, а од друга страна да се наградат земјите што ќе постигнат напредок, вклучително дел од наградата да биде и нивно постепено вклучување на единствениот пазар на ЕУ.
„Европратениците бараат јасни рокови за завршување на преговорите со земјите што преговараат и инсистираат истите да завршат најдоцна до крајот на тековната деценија“,
пишува во соопштението од ЕП.
Србија да напредува во преговорите само ако воведе санкции за Русија
Дел од препораките е и усогласувањето на земјите аспиранти со надворешната политика на ЕУ, за што акцент се става на Србија која не воведе санкции кон ЕУ.
„Нагласувајќи ја важноста за ЕУ да се даде приоритет на усогласувањето на земјите што преговараат со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, европратениците наведуваат дека пристапните преговори со Србија треба да напредуваат само доколку земјата ги поддржи санкциите на ЕУ кон Русија и постигне значителен напредок во реформите“,
објави ЕП.
Со усвоениот документ европратениците ја поздравуваат одлуката на Европскиот совет за апликациите за членство во ЕУ од Украина, Молдавија и Грузија и ги повикуваат трите земји да напредуваат со суштински реформи. Исто така, се поздравува и усвоената препорака на Европската комисија за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина и се повикува Европскиот совет да ја усвои што е можно поскоро.