Во врска со тоа колку ќе трае постапката во Турција од Правда брифираат дека не знаат оти станува збор за национално законодавство на друга држава, но очекуваат дека Палевски ќе ги искористи сите правни механизми и дека ќе се жали пред турските органи во рамките на процедурата
Единствено првоосомничениот за убиството на Вања и Панче би можел брзо да биде екстрадиран во земјава доколку самиот го побара тоа. Тоа е т.н. скратена постапка, која е содржана во третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, чиј член е и Турција. За барањето за скратена постапка одлучуваат надлежните власти во земјата во која се наоѓа лицето, во случајот Турција. Сепак, за случајот со Палевски од Правда не очекуваат такво нешто бидејќи за делата што му се ставаат на товар е предвидена казна доживотен затвор
Вчера од турското Министерство за правда стигнало известување дека го примиле барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, брифираа од македонското Министерство за правда.

Отсега па натаму што ќе се случува и како ќе тече постапката пред надлежните органи во Турција е во исклучиво нивна надлежност и согласно нивното национално законодавство, како и тоа кои правни, односно жалбени механизми ќе ги користи Палевски во постапката.
Од Правда, како што брифираа денеска, очекувањата се постапката да трае неколку месеци.
Постапката од наша страна, велат оттаму, е спроведена во рекордно време, за само еден ден по апсењето на првоосомничениот за грозоморниот случај.
Постапувано е според Европската конвенција за екстрадиција и дополнителните три протоколи кои, како што велат од Правда, ни се од важност со Република Турција. Дополнително, како што информираат оттаму, С Македонија има и билатерален договор со Турција, кој покрива и граѓанска и кривична материја, во кои процедурата е речиси идентична.
На брифингот, од Правда споделија детали за тоа како се одвивала подготовката на барањето за екстрадиција и собирањето на потребните списи што еден ден по апсењето на Палевски беа собрани, преведени на турски јазик и испратени преку сите канали до турските власти.
„Конкретно за овој предмет, од моментот, дента кога се апсеше, бевме цело време во координација и со Секторот за меѓународна полициска соработка во Интерпол и со ОЈО Скопје и со Јавното обвинителството на Република Северна Македонија. Таа координација значи дека се слушнавме по телефон, се договоривме како ќе се постапува, кој е на работа, кој не е на работа, кој ќе ги прими списите“,
брифираа од Правда.
Документите, односно барањето за екстрадиција до турското Министерство за правда, како што и претходно информираа од Правда, е испратено преку ДХЛ.
„Секогаш праќаме по ДХЛ не толку поради брзината затоа што рокот (за испраќање на списите е 40 дена), туку повеќе заради доказ дека се примени и од кого се примени. ДХЛ оди со курир и знаеме точно кој примил, кога примил, каде примил и можеме да го следиме. Тоа е за сите постапки за екстрадиција“,
велат од стручни претставници на Министерството за правда.
Во случајот со постапката за екстрадиција на Палевски, Правда работела и со колегите од Министерството за надворешни работи бидејќи, како што велат оттаму, во МНР имаат исклучително добар директорат за конзуларни работи, особено оној што го покрива регионот на Југоисточна Европа.
Третиот канал што бил користен бил оној преку Интерпол.
Дали турските власти ќе бараат некакви дополнителни документи за екстрадицијата на Палевски, од Правда засега не знаат. Но доколку има такви барања, оттаму велат дека ќе одговорат соодветно ако стигне некое такво барање.
„Секоја држава има право да побара тоа што им треба за правилно да одлучи по барање за екстрадиција бидејќи се одлучува за луѓе, не за стока. Што било да побараат, ние ќе одговориме соодветно“,
брифираат од Правда.
Вакви барање, велат оттаму, најчесто има кога станува збор за екстрадиција на лица за кои има правосилни судски пресуди, односно кои се осудени. Во случајот со Палевски станува збор за истражна постапка.
Колку ќе трае постапката во Турција, од Правда велат дека не знаат оти станува збор за национално законодавство на друга држава, но очекуваат дека Палевски ќе ги искористи сите правни механизми и дека ќе се жали пред турските органи во рамките на процедурата.
Очекувањата се дека постапката во Турција ќе трае неколку месеци.
„Во вакви предмети никогаш не се денови или недели во прашање, затоа што се бара човек“,
беше речено на брифингот во Министерството.
Единствено Палевски би можел брзо да биде екстрадиран во земјава, доколку самиот го побара тоа. Тоа е т.н. скратена постапка, која е содржана во третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, чиј член е и Турција. За барањето за скратена постапка одлучуваат надлежните власти во земјата во која се наоѓа лицето, во случајот Турција.
„Единствено денови се бројат кога станува збор за скратени постапки за екстрадиција. Кога се скратени постапките за екстрадиција лицето прифаќа да биде предадено и после тоа се зависи од тоа колку бргу ќе се изготви решението формално, колку брзо ќе му се даде да стане правосилно“,
велат од Правда.
Сепак, за случајот со Палевски не очекуваат такво нешто бидејќи за делата што му се ставаат на товар е предвидена казна доживотен затвор.
Она што е предност во целиот случај, велат од Правда, е што барањето го испратиле веднаш, еден ден по апсењето на Палевски, со што, како што велат, ќаруваат 39 дена во кои турските власти можат да почнат со постапката.
Инаку, од Правда велат дека станува збор за чист предмет и апелираат во него да не се внесува политичка конотација. Вчера, како што брифираа оттаму, ресорниот министер Кренар Лога имал средба со амбасадорот на Турција во земјава, на која било кажано дека нема никаков спор меѓу Турција и Македонија кој би ја отежнал екстрадицијата на Палевски и дека има одлична соработка на сите нивоа и дека ќе постапи објективно во врска со предметот, но оти нема да скрати ниту едно од правата на Палевски ако таму се жали на некаков акт на турските власти или судови.
Љупчо Палевски-Палчо беше уапсен во близина на турскиот град Баликесир, откако по него Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница.
Тој се сомничи за две кривични дела грабнување и убиство на свиреп начин, а по распишувањето на меѓународната потерница, беше фатен во турскиот град Баликесир.
Сите други осомничени се во триесетдневен притвор. Станува збор за Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски (кои се товарат дека се соизвршители на двете кривични дела), петтиот осомничен е таткото на Вања, Александар Ѓоревски, за кој Обвинителството смета дека им помогнал на останатите да го грабнат девојчето.
Дополнително, во притвор е и возачот Стефан Димковски, кој го пренесе Палевски од Србија до Турција. Него Обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.