По нападот, Кан е префрлен во болница, а неговите сопартијци изјавија дека тој е во стабилна состојба. Не е јасно дали политичарот бил намерно застрелан, како што тврдат членовите на неговата партија ПТИ, или случајно бил погоден
Експремиерот на Пакистан, Имран Кан, (70) денеска беше застрелан и ранет во ногата за време на неговиот антивладин протестен марш во источниот дел на земјата, пишува Ројтерс.
По нападот, Кан е префрлен во болница, а неговите сопартијци изјавија дека тој е во стабилна состојба.
Не е јасно дали политичарот бил намерно застрелан, како што тврдат членовите на неговата партија ПТИ, или случајно бил погоден.
„Тоа беше јасен обид за атентат. Кан беше погоден, но тој е стабилен. Ако напаѓачот не беше спречен од луѓето таму, целото раководство на ПТИ ќе беше избришано“,
изјави за Ројтерс Фавад Чаудри, портпарол на пакистанската партија на Кан, ПТИ.
Службите за спасување во Пакистан соопштија дека во инцидентот на протестниот марш има најмалку еден убиен, а осуммина се повредени. Членови на партијата на Кан изјавија дека освен поранешниот премиер во престрелката се повредени уште четири лица.
За нападот на Кан е осомничен неименуван маж кој подоцна бил уапсен, соопшти пакистанската телевизија Гео, пренесе Би-би-си.
Актуелниот премиер на Пакистан, Шехбаз Шариф, го осуди пукањето и нареди итна истрага.
Откако беше соборен со гласање за недоверба во парламентот во април, Кан покрена масовни собири низ целата земја, на кои тврдеше дека бил жртва на заговор на неговиот наследник, премиерот Шахбаз Шариф и САД.
„Сакам сите да учествувате. Ова не е за политика или лична корист или за соборување на владата. Ова е за да се донесе вистинска слобода во земјата“,
рече Кан во видео пораката во пресрет на маршот.
Пакистан има долга историја на смртоносно политичко насилство.
Во најпознатиот случај, поранешната премиерка Беназир Буто беше убиена на јавен митинг во 2007 година.