Повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти и негова доработка со прецизирање што и каде смее да се гради, но не на сметка на амнестирање на оние што граделе „на диво“ – повеќе правници, архитекти, професори и експерти од фелата се согласија дека легализацијата на дивоградбите не треба да се спроведе преку избрзано законско решение. На денешната јавна дебата организирана од Антикорупциската комисија, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, посочи дека меѓу најспорните точки на овој закон е дозволата да легализира дивоградба на лице што градело незаконски. Преку примерот на масовната изградба на викендичките во Маврово, таа порача дека мора да се спречи легализацијата на објектите во заштитените подрачја.
„Викенд-куќи не градат социјално загрозени семејства, а ги има и во заштитените подрачја. Маврово сѐ уште не е прогласено за национален парк. И ако таму не се утврдени зоните за строга заштита, не знам како Министерството за животна средина ќе определи во рамки на НП Маврово како ќе се врши легализација каде што има голем притисок за градба и никнуваат многу објекти каде што не треба“,
изјави Петровска.
За професорката на Правниот факултет и ексминистерка за правда, Рената Дескоска, законот остава простор за амнестија на криминал, а според професорката од Архитектоснкиот факултет, Дивна Пенчиќ, не смее да се дозволува легализација на објекти што не се вклопени во планската документација.
„Не може да се прават нови планови за да се вклопат тие дивоградби, туку треба да се види дали може да се вклопат во постојната планската документација, па потоа да се дозволи легализацијата. Со ваков закон се остава порака дека јас од утре можам да го заградам игралиштето зад мојот дом затоа што дел од него било на дедо ми и со наредниот закон тоа ќе ми биде легализирано“,
порача Пенчиќ.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој учествуваше во дебатата, порача дека се подготвени како предлагачи на законот да прифатат дел од забелешките, меѓу кои легализацијата во заштитени подрачја, како и викенд-куќите кои не се примарно живеалиште за сопствениците на објектите.
„Исто така, ќе се исклучат и објектите кои се втор дом или викендици, односно не се водат како адреса на живеење според лична карта, со што сакаме да покажеме дека не легализираме луксуз. Исто така, има размислувања објектите кои се над 80 или 100 квадратни метри да не можат да се легализираат бидејќи тогаш тие домови не се социјална категорија. Целосно сме свесни дека овој закон не треба да се повторува. Но, со тоа што не легализираме по едно евра туку по цената на комуналии плус 50 отсто казна, сакаме да порачаме дека не се исплати да се гради на диво“,
рече Бочварски.
ДКСК најави дека заклучоците од дебатата ќе ги достави до надлежните институции, а Бочварски порача дека и тие како министерство ќе почнат со организирање јавни дискусии за законот за легализација на дивоградби.