Врз основа на протоколот, како што рече министерот за здравство Арбен Таравари, на пациентите ќе им се направи тријажа за тоа каде треба да продолжат да се лекуваат – дали во земјава или во државите кои нудат помош
Неколкумина експерти од Англија и македонски доктори подготвуваат протокол за проценка на клиничката слика на повредените пациенти од пожарот во Кочани, објави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Врз основа на протоколот, како што рече Таравари, на пациентите ќе им се направи тријажа за тоа каде треба да продолжат да се лекуваат – дали во земјава или во државите кои нудат помош.

„Сега имаме експерти за изгореници кои заедно со нашите екипи подготвуваат протоколи“,
појасни Таравари.
Министерот додаде дека се очекуваат информации и опис на состојбата на пациентите кои се лекуваат во странство, за да се планира колку ќе го продолжат третманот во државава, а колку надвор. Рече дека неколку држави изразиле интерес да помогнат за најкритичните пациенти на кои им е потребна рехабилитација.
„Не се работи само за физикален третман, туку повеќе начини на рехабилитација – и респираторна и физикална, меѓутоа и психичка рехабилитација“,
додаде министерот за здравство.
Во земјава и во странство се лекуваат уште 57 пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени. Во моментов девет лица се лекуваат во болници низ Скопје, а 48 во странство.