Во притвор засега останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата
Поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илиев, кои се осомничени во истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, остануваат во куќен притвор. Ова е исходот од денешната седница на кривичниот совет на Апелацискиот суд во Штип откако Основното јавно обвинителство Кочани се жалеше на одлуката на Советот на локалниот суд ефективниот затворски притвор на Димитровски и Илиев, кој првично им беше одреден, да им биде заменет со куќен.

Како што соопштија од штипска апелација, по пристигнатите жалби од осомничените и од Основното јавно обвинителство во Кочани, во второстепениот суд биле оформени два посебни предмети. Едниот за жалбите во однос на куќниот притвор на Димитровски, другиот за мерката одредена на Илиев.
Во однос на жалбите за одредениот куќен притвор на Димитровски, од Апелацискиот суд соопштија дека тие се отфрлени како недозволени.
„Жалбите изјавени од осомничениот Р.Д. од К. преку бранителот адвокат А. С. од К. и од Основниот јавен обвинител од Кочани, против решението на Основен суд Кочани КС-36/2025 од 24.03.2025 година во став 1 со кое мерката притвор се заменува со мерка куќен притвор, се отфрлаат како недозволени“,
се вели во соопштението.
Според наведеното, во него од страна на второстепениот суд уважена е жалбата во врска со одземениот пасош на осомничениот Димитриовски и во овој дел одлуката на Основниот суд во Кочани е укината и предметот се враќа таму на повторно одлучување.
„Жалбите изјавени од осомничениот Р. Д. од К., преку бранителот адвокат А. С. од К. и од Основниот јавен обвинител од Кочани против решението на Основен суд Кочани КС-36/2025 од 24.03.2025 година, во став 2 за определената мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница на име на осомничениот Р. Д. од К., односно забрана за нејзино издавање се уважуваат. Решението на Основен суд Кочани КС-36/2025 од 24.03.2025 година во став 2 од истото се укинува и предметот само во тој дел се враќа на повторно одлучување“,
информираат од штипска Апелација.
Што се однесува до жалбата на осомничениот ексградоначалник Николчо Илеив, решението на Основниот суд Кочани, со кое нему мерката притвор му е замената со куќен притвор и му е определена мерка на претпазливост – одземање на пасошот, од Апелацискиот суд Штип информираа дека и таа е отфрлена како недозволена.
„Жалбата изјавена од Основниот јавен обвинител од Кочани, против решението на Основниот суд во Кочани Кс-34/25 од 24.03.2025 година се отфрла како недозволена“,
стои во соопштението.
Во врска со мерката за претпазливост против Илиев, односно за одземање на пасошот, според информациите од Судот, не била вложена жалба и кривичниот совет не одлучувал за оваа мерка.
Предметите, како што се наведува во соопштението, во Апелацискиот суд Штип биле примени завчера (26 март 2025 година) во 14:30 часот и по заведувањето и извршена автоматска распределба биле доставени во Вишото јавно обвинителство Штип согласно одредбите на Законот за кривична постапка. По добиените предлози оттаму по однос на поднесените жалби, предметите биле вратени во Судот вчера во 12 часот, по што биле доставени до странките.

Во притвор засега останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.
Инаку, освен на Димитровски и Илиев, затворскиот притвор со куќен ѝ беше заменет и на поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, но за неа Обвинителството не поднесе жалба.
За пожарот во Кочани тамошното Основно јавно обвинителство отвори истрага против 27 физички и три правни лица. Во рамките на истрагата осомничени се од управители, закупци, сопственици на клубот, до поранешен министер, функционери и вработени во Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, тројца градоначалници на Кочани (еден актуелен во оставка и двајца поранешни), како и член на бендот ДНК и вработени во Агенцијата за обезбедување што била ангажирана во локалот.
Обвинителство побара, а Основниот суд во Кочани им одреди 30-дневен притвор на 24 од осомничените, а за тројца дополнително ќе се постапува бидејќи сè уште се наоѓаат на лекување од повредите што ги здобиле критичната ноќ.
Од кочанскиот Основен суд вчера преку писмено соопштение информираа дека по донесените 24 решенија за определување на мерката притвор биле поднесени 22 жалби од осомничените.
За потсетување, во одвоена истражна постапка што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се осомничени седум поранешни високи полициски службеници, кои, исто така, се товарат за незаконско постапување во врска со лиценцата што му била издадена на клубот во Кочани. Ним Основниот кривичен суд Скопје, кој е единствено надлежен да постапува по предметите на ОЈО ГОКК, веќе им одреди 30-дневен притвор.
Во трагичниот пожарот, кој се случи на 16 март во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени.