Кај поранешниот македонски амбасадор во Љубљана и ексконзул во Солун, Томислав Димитровски, пронајден е арсенал оружје меѓу кој три пиштоли и три пушки, дознава „360 Степени“.

До откривањето на оружјето дошло откако тој вчера попладне се скарал со сосед кој пријавил дека поранешниот амбасадор во ходникот од зградата кон него репетирал и автоматска пушка.
Ваков случај е пријавен и во МВР, но бидејќи сè уште работат на расчистување на случајот не соопштуваат дали за пронајденото оружје поседувал дозвола.
„Вчера околу 15.30 часот А.Д. пријавил дека во зграда на улицата ‘Тодор Александров’ во Скопје неговиот сосед Т.Д. по кратка вербална расправија во ходникот на зградата извадил автоматска пушка и ја репетирал кон него. Полициски службеници веднаш по добивањето на пријавата излегле на местото на настанот. Во домот на Т.Д. се пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција, кои се одземени. Т.Д. е повикан во полициска станица и со него е извршен службен разговор и се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР за „360 Степени“.
Димитровски, според информациите кои ги објавил на неговиот Фејсбук профил, во моментов не извршува државна функција, туку напишал дека од јануари годинава е советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека е точно дека Димитровски е во кабинетот на Христијан Мицкоски, но посочуваат дека станува збор за приватен случај кој очекуваат надлежните институции да го разрешат.
Според неофицијални информации до кои дојде „360 Степени“, кај Димитровски биле пронајдени три пиштоли, три пушки, четири рамки со муниција, ќеса со куршуми и др.
Една од пушките, според нашите информации, била полуавтоматска односно модел M90SA, а другата била „Fabam S.A.T.8“. Според пребарувања на интернет тие изгледаат вака:


Пиштолите, според нашите информации биле „North American Mini“, „Sig Sauer“ и „Walter P22“.



Инаку, пред да стане советник на Мицкоски, Димитровски од април 2014 до март 2018 година беше амбасадор во Љубљана, Словенија. На оваа позиција тој замина откако претходно седум години, од февруари 2007 до јануари 2014, беше конзул во Солун.
За време на неговиот престој во Солун, Министерството за надворешни работи (МНР) испрати и протестна нота до Грција откако тој беше приведен, па ослободен, кога во 2011 година, полицијата го сопрела, бидејќи не носел возачка дозвала. Бил задржан, но откако се јавил во тамошното МНР бил пуштен. По ова македонските власти ја повикаа тогашната амбасадорка на Грција во земјава, Александра Пападополу за да ѝ врачат протестна нота поради третманот на грчките власти кон македонските дипломати.