Во извештајот на кредитната агенција се очекува раст од 3,7 проценти, додека државниот долг се очекува да достигне 58 проценти од БДП до 2024 година
Се посочува, исто така, дека денарот е стабилен, а монетарната политика оди во прилог на економското закрепнување, додека девизните резерви се зголемени
Кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед.
Стабилниот изглед, како што се нотира во извештајот кој го објавува кредитната агенција за С Македонија, ги рефлектира очекувањата дека проектираното економско заздравување на нашата држава ќе помогне во лимитирање на фискалниот и надворешниот дефицит во следната година, информира Министерството за финансии.
Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку континуираните структурни реформи ги зајакнат институционалните капацитети, истовремено зачувувајќи ги одржливите фискални политики.
Аспирациите за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да бидат сидро за таквите институционални подобрувања и напредок на структурните реформи, се истакнува во извештајот.
„Економијата на С Македонија се опоравува од последиците од пандемијата. И покрај контракцијата во првото тримесечје, очекуваме дека економијата ќе оствари раст од 3,7 проценти. Растот е придвижен од здравото закрепнување на странската побарувачка, која ги рефлектира спецификите на интеграцијата на С Македонија во меѓународните синџири на добавувачи, како и приватната потрошувачка, како резултат на придобивките од заздравувањето на приватните трансфери и од владините мерки за поддршка на стопанството коишто го ублажија расположливиот доход“,
се вели во извештајот, како што информираат од Министерството за финансии.
Потенцијалното влошување на состојбата со пандемијата и придружните ограничувања, како што се наведува, остануваат ризик за економското закрепнување, но, како што забележува кредитната агенција „извозот на земјата се покажа отпорен на наметнатите ограничувања.
Во однос на државниот долг, агенцијата очекува да достигне 58 проценти од БДП до 2024 година.
Истовремено Законот за буџети, које во процедура, може да помогне во зајакнување на фискалната рамка.
„Надворешната отпорност С Македонија се огледува во способноста во привлекување странски инвестиции, особено во областа на извозниот сектор, што може да се види и во состојбата на дефицитот на тековната сметка. Се очекува овој позитивен тренд да продолжи и во периодот од 2021 – 2024“,
се нотира во извештајот на кредитната агенција.
Исто така, според извештајот на „Стандард и Пурс“, централната банка успешно ја одржува довербата во банкарскиот сектор, што се докажува и преку постојаниот раст на депозитите во 2020 и 2021 година .
„Денарот е стабилен, а монетарната политика оди во прилог на економското закрепнување. Девизните резерви се зголемени. Банкарскиот систем во земјава е стабилен, висококапитализиран и профитабилен, а финансиските услови остануваат поволни. Стапката на нефункционални кредити е ниска“
се наведува во извештајот во однос на монетарната политика.
Казко што информираат од Народната банка, во извештајот е нагласено дека девизните резерви на земјава се повисоки, така што во јули годинава, и покрај отплатата на еврообврзницата во износ од 500 милиони евра, девизните резерви бележат раст во споредба со истиот период минатата година.
Кредитната агенција не очекува флуктуации на девизниот пазар, односно курсот на денарот останува стабилен. Исто така, се наведува дека доколку се јави потреба, Народната банка е подготвена да интервенира, вклучително и преку репо-линијата од 400 милиони евра од Европската централна банка.
Очекувањата за инфлацијата на „Стандард и Пурс“ за годинава соодветствуваат со проекцијата на Народната банка од 2,2 проценти..
Како што се наведува во извештајот на кредитната агенција, банкарскиот систем во Северна Македонија е стабилен, останувајќи висококапитализиран и профитабилен и за време на корона-кризата. Стапката на нефункционални кредити остана на ниско ниво од 3,4 отсто во второто тримесечје од 2021 година.