Граѓаните се потпишуваа во отворената книга, а според активистите со ставањето потпис жителите ќе го искажат својот став против овој сериозен проблем кој може долготрајно да и наштети на струмичката котлина и побараа од Владата целосно да ги раскине договорите за концесиите

Еко-активистите од „Здрава котлина“ и „Еко долина“ вечерва на плоштадот во Струмица почнаа со собирање потписи против рудникот Иловица-Штука преку организирање на настан „Потпиши се против рудникот на смртта“.
Граѓаните се потпишуваа во отворената книга, а според активистите со ставањето потпис жителите ќе го искажат својот став против овој сериозен проблем кој може долготрајно да и наштети на струмичката котлина и целата флора и фауна која егзистира на оваа територија.
Тие побараа од Владата целосно да ги раскине договорите за концесиите.
„Она што треба да следи е целосно раскинување на договорите за двете концесии согласно законот за минерални суровини“,
порачаа активистите.
На настанот настапи хорот „Стихири“, а писателите Мариета Дукиќ и Коста Милков читаа свои песни и текстови. Беше прикажан и документарен филм во кој се објаснети штетите од отворањето на рудникот, а пред граѓаните се обратија и неколку еко активисти. Тие најавуваат дека ќе продолжат со собирање потписи и во наредниот период во населените места и останатите општини во струмичкиот регион.
Минатиот месец граѓаните, во организизација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ – Струмица и Еколошкото здружение „Еко долина“ – Ново Село, се собраа на протест за да кажат „не“ за споената концесија за рудникот Иловица-Штука.
Владата на седница на 27 јуни донесе одлука да се спојат двете концесии за рудникот Иловица-Штука, по што дел од министрите се жалеа дека точката на дневен ред била ставена како дополнителна на само еден ден пред одржувањето на седницата и дека не можеле да ги разгледаат поднесените материјали при носењето на првичната одлука.
Потоа, Владата донесе одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука.
Министерството за економија е на став дека спојување на концесиите за Иловица-Штука треба да има. Оттаму велат дека се работи за административно спојување и тврдат дека така државата избегнува нови спорови.
Од ресорот на Крешник Бектеши велат дека двете концесии се една целина, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување.
Одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука на маса повторно го врати спорното прашање за кое екологистите и локалното население во струмичкото село водеа неколкугодишни битки со државата.