Целта, како што велат од Инспекторатот, е да се направат анализи и да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи
По одлука на Владата, инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во моментов вршат контроли кај добавувачите, производителите и маркетите со цел да се утврди како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите месеци. Целта, како што велат од ДПИ, е да се направат анализи и да се утврди дали постои нелогично зголемување на цените кај одредени производи.

„По завршување на контролите, анализите ќе бидат испратени до Министерството за економија и труд со што ќе се одлучи за преземање на понатамошни мерки“,
информираат од ДПИ.
Оттаму апелираат до трговците да се придржуваат до акцијата и да не го надоместуваат намалувањето на цените на производите од новогодишната кошничка со зголемување на цените на други прехранбени производи.
„Свесни сме дека за дел од производите станува збор за берзански производи и дека оттаму доаѓа и промената на цените, но, сепак, сметаме дека може да се најде најповолно решение и за трговците и за граѓаните. Доколку трговците и понатаму продолжат со нелогично зголемување на цените, односно не ги намалат цените на маслото, јајцата, месото и месните производи, млекото и млечните производи ќе предложиме Владата да донесе одлука со која ќе мора да се намалат цените“,
се вели во соопштението на ДПИ.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски, но и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши предупредија дека Владата ќе донесе поригорозни мерки како ограничување на маржите и цените доколку трговците не ги намалат цените на основните продукти надвор од новогодишната кошничка.