На ваков начин, како што рече премиерот, со поскапување на одредени продукти и до 25 отсто, не треба да се прават профити зашто граѓаните очекуваат разбирање, а не нагло покачување на цените
Никогаш повеќе нема да поминат вакви трикови – рече премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги поскапувањата на одредени производи од страна на трговците во последните 30 дена. Рече дека институциите уште од денеска ќе имаат реакција, а доколку трговците продолжат со ваквите практики таа реакција ќе биде, како што нагласи, уште поробусна во периодот што следува.

„Разговаравме со сите сопственици на големи супермаркети, беа на настан во Владата, и оставивме на добра волја, еве, да не биде со пристап што ќе значи ограничување на цените, за којшто тие велеа дека е непопуларен, и сакавме да ги слушнеме нив, да се разговара и да се донесе заедничко решение коешто ќе биде прифатено и тоа се случи. Тоа што некои од нив се служат со трикови е друга работа и за тоа ќе има соодветни процедури“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Оцени дека ваквото однесување од страна на трговците, особено пред празниците, е неетичко, нечовечно и оти дека треба да го преиспитаат. На ваков начин, како што вели, со поскапување на одредени продукти и до 25 отсто, не треба да се прават профити зашто граѓаните очекуваат разбирање, а не нагло покачување на цените.
„Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните, но и на Владата, мислам дека не е добро“,
додаде премиерот.
Освен Мицкоски, во врска со темата денеска се произнесе и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши кој порача дека Владата ќе донесе поригорозни мерки како ограничување на маржите и цените доколку трговците не покажат поголема одговорност и не ги намалат цените на основните продукти надвор од новогодишната кошничка.
„Екипите на ДПИ се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два-три дена ќе завршат анализите по што ќе де донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки.
рече Дурмиши на денешната прес-конференција.