Европската комисија во Извештајот од 2025 година за владеењето на правото во земјава нотира дека иницијативата на Владата за „робусни мерки“ во судството, како дел од справувањето со корупцијата, предизвикале сериозна загриженост во однос на почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта
Документот на Европската комисија се осврнува и на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, која беше иницирана од Владата во март годинава. Ова, како што се наведува во Извештајот, открило недостатоци во законските норми за разрешување, но и ризик од политизација
Она што е интересно е што Европската комисија нотира дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривањето и пријавувањето на случаи на корупција. Според Извештајот, Антикорупциска, која од почетокот на минатата година работи во нов состав, често се потпира на медиумски извештаи при идентификувањето на можни случаи на корупција
Независноста на судството и борбата против корупцијата остануваат отворени рани на поширокото општествено милје на С Македонија, и покрај декларираните заложби на властите и тековните реформи за подобрување на состојбите. Вака во една реченица може да се сумираат ноадите и забелешките нотирани во новиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за владеењето на правото во земјава за 2025 г., објавен вчера.

Станува збор за втор ваков извештај на извршното тело на Европската Унија откако лани Комисијата по првпат ги вклучи Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија во посебните извештаи во кои се анализираат состојбите со владеењето на правото на ниво на Европската Унија.
„Северна Македонија продолжува да ги спроведува своите судски реформи“,
е правата речица од сижето на Извештајот.
Но, веднаш во втората се наведува „мешањето и притисокот од другите државни носители на власта предизвикуваат сериозна загриженост во врска со независноста на судството“.
Извештајот во детали се осврнува на настаните што во изминатата година, односно од јули 2024 година ги одбележаа и влијаеја на состојбите во судството, а кои се поклопуваат со доаѓањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но се навраќа и на одлуки донесени претходно и чии негативни последици сè уште се чувствуваат во судството, особено во делот на практикувањето на правдата.
Перцепција
Кога станува збор за перцепцијата на нивото на судската независност, Европската комисија нотира дека тоа и понатаму останува многу ниско и кај пошироката јавноста и кај бизнис секторот, иако има благо подобрување во споредба со претходната година.
Анализата на перцепцијата за независност на судството, условно кажано, ја разбива често употребуваната забелешка од политичките актери во земјава дека довербата во судството изнесува два отсто.
Така, според генералната оценка во Извештајот, изразена во проценти, 28 отсто од општата популација и 26 отсто од компаниите го перципираат нивото на независност на судовите и судиите како „прилично или многу добро“.
„Перцепираната судска независност останува ниска, но се зголемила во споредба со 2024 година и кај пошироката јавност (25% во 2024 година) и кај компаниите (20% во 2024 година)“,
се наведува во Извештајот.
Поголемиот дел од јавноста која смета дека судството и судии не се независни, како што се нотира во документот, ваквиот став го заснова на перцепцијата дека постои мешање или притисок од Владата и политичарите и мешање од економски или други специфични интереси.
Во таа насока во документот се нотира дека мешањето и притисокот од другите носители на државната власт предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на независноста на судството.
„Робусните мерки“ на Владата и независноста на судството
Овде Европската комисија во Извештајот ги наведува најавите од актуелната Владата за „робусни мерки“ во судството како дел од справувањето со корупцијата, но во поинаков контекст.
Имено, Комисијата нотира дека ваквите иницијативи во дел од случаите предизвикале сериозна загриженост во однос на почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта.
„Ова е особено случај во однос на најавите од највисокото владино ниво за плановите за ‘распуштање’ на Судскиот совет и Советот на обвинители. По јавните изјави на владини претставници кои постојано повикуваа на разрешување на членовите на Судскиот совет, во март 2025 година, Собранието гласаше за ‘интерпелации’ против петте членови на Судскиот совет кои не се судии и кои ги избира Собранието. Иако овие предлози не даваат законска основа за разрешување на членовите на Судскиот совет, тие всушност претставуваат политички гласања за недоверба и како такви ризикуваат да ја поткопаат легитимноста и независноста на членовите на Советот. Причините наведени за интерпелациите во парламентот беа непрофесионално извршување на должностите што ја еродираше веќе ниската јавна доверба во судството. Покрај тоа, владини претставници јавно повикаа дека овие гласања треба да доведат до оставка на членовите на Советот. Употребата на интерпелациите беше критикувана од засегнатите страни“,
се наведува во Извештајот.

Судиите и обвинителите, како што се додава, се соочуваат и со зголемен притисок и оцрнување преку јавни кампањи во традиционалните и онлајн медиумите, вклучително и од високи функционери на извршната власт и политичари.
Во овој контекст, во Извештајот се нотирани оставката на Весна Дамева од претседател на Судскиот совет лани во декември и претресите што МВР непосредно потоа ги спроведе во просториите на Советот.
Неодминливо, документот на Европската комисија, се осврнува и на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, која беше иницирана од Владата во март годинава. Ова, како што се наведува во Извештајот, открило недостатоци во законските норми за разрешување, но и ризик од политизација.
Комисијата потсетува дека на 26 март Владата ретирирала објавувајќи дека ја запира постапката за разрешување на јавниот обвинител за да се обезбеди континуитет во работата на обвинителите по трагичниот пожар во во ноќниот клуб во Кочани.
Ограничени средства и недостиг на кадар
Извештајот нотира и една дискрапанција кога станува збор за најавите на власта за борба против корупцијата, а од друга страна не одвојува минимум средства од буџетот за оптимално функционирање на судството и обвинителството.
„Ограничените финансиски средства наменети за судството продолжуваат да влијаат врз неговата финансиска автономија. Буџетите на судството и јавното обвинителство остануваат под минимумот пропишан со закон. За судскиот систем, наместо законски пропишаните 0,8% од БДП, годишниот буџет за 2025 година издвои 0,31% од БДП. За Јавното обвинителство, буџетот изразен како процент од вкупниот буџет е 0,22%, наместо законски предвидените 0,4%. На судовите и обвинителствата сè уште им е потребно формално одобрение од Министерството за финансии за внатрешни буџетски распределби, како што се одлуки за ресурси и персонал, што не им дозволува буџетска автономија“,
се наведува во Извештајот.

Во овој сегмент, каде што се говори за ефикасноста на судството и обвинителството, Извештајот го нотира и недостатокот на кадар. Европската комисија забележува дека дефицитот на човечки ресурси во судството делумно бил решен со нови вработувања, но и натаму недоволен и загрижувачки.
Дополнителен отежнувачки фактор, се вели во извештајот е што во моментов не се спроведува обука на нови судии и обвинители.
„Тековниот процес на прием во Академијата, кој беше започнат пред повеќе од две години и има за цел да регрутира 130 практиканти, останува на стенд бај, од причини кои остануваат нејасни“,
нотира Извештајот.
Што се однесува на делот за борбата против корупцијата, Европската комисија во документот за 2025 г. нотира дека перцепцијата меѓу експертите, граѓаните и бизнис-секторот е дека нивото на корупција во јавниот сектор е високо.
„Специјалниот Евробарометар за корупција за 2025 година покажува дека 89% од испитаниците сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја (просек во ЕУ 69%), а 31% од испитаниците се чувствуваат лично погодени од корупцијата во нивниот секојдневен живот (просек во ЕУ 30%). Што се однесува до компаниите, 91% од нив сметаат дека корупцијата е широко распространета (просек во ЕУ 63%), а 54% сметаат дека корупцијата е проблем при водење бизнис (просек во ЕУ 35%). Понатаму, 34% од испитаниците сметаат дека има доволно успешни гонења за одвраќање на луѓето од коруптивни практики (просек на ЕУ 36%), додека 50% од компаниите веруваат дека луѓето и компаниите фатени за поткуп на висок функционер се соодветно казнети (просек на ЕУ 33%)“,
се вели во Извештајот.
ДКСК е помалку активна
Она што е интересно е што Европската комисија нотира дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривањето и пријавувањето на случаи на корупција.
Според Извештајот, Антикорупциска која од почетокот на минатата година работи во нов состав, често се потпира на медиумски извештаи при идентификувањето на можни случаи на корупција.

Во него, исто така, се наведува дека новиот Меморандум за подобрување на соработката меѓу ДКСК и Јавното обвинителство што беше подготвен во 2024 г. не е реализиран бидејќи неговото потпишување беше одложено по покренувањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.
Извештајот нотира и дека и понатаму проблем останува недостатокот на ресурси за ефикасна проверка на анкетните листови за имот на државните функционери.
„Во 2024 година, поднесени се 3 620 анкетни листови за имотот, а откриени се 109 случаи на неправилности, од кои поголемиот дел се должат на непријавување на имотот. Бројот на систематски проверки на имотот се намали од 2023 до 2024 година. Постигнат е одреден напредок, благодарение на меѓународната поддршка, во имплементацијата на софтверски решенија за овозможување пристап до бази на податоци од јавните институции“,
се наведува во Извештајот.
Според документот, ризиците од корупција се високи во здравството и јавните набавки, а политичкото влијание врз напорите за справувањето корупцијата е посочено како загрижувачко.
Додека во јавното здравство пред сè се говори за ситна корупција, што сепак влијае на квалитетот и достапноста на здравствените услуги, корупцијата во јавниот сектор е главно поврзана со влијанието на политичките партии и недоследноста примена на вработувањето на државни службеници врз основа на заслуги, односно според мерит-систем.
„Засегнатите страни изразија загриженост дека истрагите и гонењата за корупција може да се сметаат за селективни, при што некои случаи потенцијално се водени од политички размислувања, а не од сеопфатен пристап за справување со корупцијата кај сите партии“,
се вели во Извештајот на Европската комисија.
Дополнително во делот на борба против корупцијата се нотира дека заштитата на „свиркачите“ останува слаба, што ги обесхрабрува граѓаните да пријавуваат корупција, а новиот закон што треба да ја регулира оваа материја сè уште не е донесен, иако е подготвен во 2023 година.
Последиците од измените на Кривичниот законик
Во борбата против корупцијата, како што нотира Извештајот, и понатаму се чувствува ефектот на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, што доведе до застарување на или прекинување на постапките што се водеа за висока корупција.
„Спроведувањето на изменетиот Кривичен законик продолжува да резултира со прекинување на дополнителни тековни случаи, особено на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Неколку случаи мораа да бидат прекинати во фаза на истрага или судење, или затоа што застареле поради намалувањето на казните за кривични дела, или затоа што специфичните кривични дела биле отстранети од Кривичниот законик. Сепак, нема прецизни официјални податоци за тоа колку случаи на корупција се засегнати од овие измени“,
се наведува во Извештајот.
Во однос на ова, се нотира дека измените на Кривичниот законик бил разгледан од Уставниот суд, кој одлучи да му даде на парламентот шест месеци да се произнесе по спорните одредби, по што Уставен треба да одлучи дали ќе ги укине или ќе ги поништи.
Европската комисија потсетува дека Министерството за правда формираше работна група за подготовка на измени на постојниот Кривичен законик со кои треба да бидат анулирани негативните влијанија од промените направени во септември 2023 година.