Тврдењата на пратеникот Трајчулески од редовите на СДСМ дека Министерството за внатрешни работи и началникот на северната граница Наим Рамука се виновни, според ВМРО-ДПМНЕ се лажни и манипулаторски
Единствениот виновник што поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, избега од земјава е судијата Пајазит Пајазити, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција во партиското седиште. Тој рече дека доколку Пајазити досудел ефикасен затворски притвор, наместо домашен, сега Рамадани би бил во Шутка, а не на Косово.
„Пајазити треба веднаш да биде разрешен, единствено е судија заради заштита на СДС и ДУИ преку нивните инсталации во судството. СДС лаже и манипулира со денови само овој извршител на ДУИ да остане судија“,
рече Петрушевски.
Дополнително, Петрушевски го обвини СДСМ дека се „расфрла со пердуви“ за да го сокрие скандалот со избеганите затвореници кои се приведени за убиството кај ТЦ „Мавровка“, а кои избегале од затвор во време кога на челните позиции во КП „Идризово“ и КПУ „Скопје“ биле луѓе од СДСМ.
„Да не беа избегани од затвор во време на СДС, убиството кај Мавровка немаше да се случи. Логично, се поставува прашањето дали СДС намерно дозволи и овие двајца затвореници да избегаат и со која цел? Институциите се девастирани од СДС и ДУИ. Последиците од тоа се чувствуваат уште. Но за сето тоа одговорност ќе има, а институциите веќе се вратени на граѓаните“,
изјави Петрушевски.
Претходно денеска, пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, упати низа обвинувања на сметка на Министерството за внатрешни работи дека началникот на северната граница Наим Рамука е директно инволвиран во бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани.
Трајчулески рече дека за транспортот на Блерим Рамадани на Косово, кој според нивни сознанија иако требало да биде во домашен притвор, на десетти август бил транспортиран во својата земја од страна на Рамука. Имено, согласно информациите со кои располагаат, тој со возило марка „рено“ го зел Рамадани од живеалиштето каде што бил во куќен притвор, по што се упатиле кон македонско-косовската граница, каде во 18 часот и 40 минути по лентата за товарен сообраќај ја поминуваат границата без никаква контрола.
„Наим Рамука, за потсетување, е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница. Потоа, вечерта на 10.8., на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор“,
рече Трајчулески.