Ревизијата од страна на ДЗР и ангажирањето на експерти, минатата недела ги најави премиерот Димитар Ковачевски, кој одговарајќи на новинарски прашања во рамките на настан во Охрид рече дека е неодозволиво еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен. Една од опциите на која, како што кажа премиерот, треба да се размислува е и раскинување на договорот со изведувачот – кинеската компанија „Синохидро“
Рокот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид завршува на 31 декември оваа година, а состојбите на терен говорат дека инфраструктурниот проект нема да биде заокружен навреме
Министерството за транспорт и врски денеска преку писмено соопштение информираше дека во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во врска со изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид.

Дополнително Министерството и ЈПДП, ангажирале експерт за Фидик договори (меѓународен стандард според кој се реализираат меѓународни договори), кој треба да го анализира договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“, потпишан пред точно десет години.
„Во овој момент, во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експрест за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“,
се наведува во соопштението на Министерството за транспорт и врски.
Причинините поради кои се преземаат ваквите мерки е тоа што рокот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид завршува на 31 декември оваа година, а состојбите на терен говорат дека инфраструктиорниот проект нема да биде заокружен навреме.
Ревизијата и анализите треба да им помогнат на надлежните да донесат одлука за соодветно решение за дореализација на проектот, која како што стои во соопштението ќе биде донесена до крајот на годината.
„Ова е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата на Република Северна Македонија ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект“,
велат од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму дополнително информираат дека на трасата се појавиле единаесет нови свлечишта поради што ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектантски решенија и мислење за целокупниот проект.
„Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата на Северна Македонија е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација“,
се посочува во соопштението на Министерството за транспорт и врски.
Ревизијата од страна на ДЗР и ангажирањето на меѓународни експерти, минатата недела ги најави премиерот Димитар Ковачевски, кој одговарајќи на новинарски прашања во рамките на настан во Охрид рече дека е неодозволиво е еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен.
Една од опциите на која, како што кажа премиерот, треба да се размислува е и раскинување на договорот со изведувачот.
„Овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект, а исто така и на самиот почеток знаете дека тој беше предмет на голем број на контроверзии во кои не би сакал да навлегувам. Сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач кој ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме пат којшто се прави, во кој се инвестираат пари, а досега нема еден метар автопат пуштено на делницата Кичево – Охрид“,
рече Ковачевски на прес-конференцијата во рамките на Првата конференција за патна инфраструктура – Искуства, предизвици и перспективи, која кон крајот на минатата недела одржа во Охрид.
Прашан за претходно дадениот рок и ветувањата дека делницата ќе биде готова до крајот на декември оваа година, премиерот кажа дека тој рок го имале изведувачите согласно со договорот и оти смета дека е недозволиво пратениците повторно да одлучуваат за негово продолжување.
„Самиот договор претставува закон и секоја негова промена и секој негов анекс практично се одобрува од пратениците. Меѓутоа, после десет години сметам дека е недозволиво пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години и затоа е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои конечно ќе значат завршување на овој проект“,
рече премиерот.
„360 степени“ пред точно еден месец објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прашањето тогаш дали и понатаму очекува автопатот да биде завршен до крајот на оваа година, рече:
„Ние ќе направиме сè, ги правиме сите координации и притисоци за изведувачите на терен да ја завршат својата задача бидејќи институциите својата задача си ја завршија“
Бочварски тогаш изјави и дека автопатот ќе биде пуштан во употреба делница по делница.