Меѓу повредените лица има и малолетници на возраст од 14 и 17 години
Во денешната серија руски напади со дронови врз главниот град на Украина, Киев, се повредени 11 лица, при што неколку згради биле запалени, соопштија градските власти и воените служби. Во соопштението на украинската армија се наведува дека меѓу повредените има малолетници на возраст од 14 и 17 години, а остатоци од соборените дронови, кои паѓале, предизвикале пожари во одредени станбени објекти во областите Облонски и Свјатошински.
Украинската воздушна одбрана соборила 69 од вкупно 165 дронови кои биле користени во нападот врз Украина, а воздухопловните сили на Украина соопштија дека 80 дронови исчезнале од радарот, најверојатно поради тоа што биле мамки кои не носеле експлозиви.
Пред два дена, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Украина е подготвена што поскоро да го прекине огнот, доколку Русија преземе слични вакви мерки, со кои би се одело кон целосен прекин на војувањето во траење од триесет дена, но и останува скептичен дека Москва во моментов е подговтена на тоа. Тој кажа и дека економските услови во Русија сега се понеповолни бидејќи цената на нафтата сега е пониска.
Пред три дена САД се повлече од мировните преговори меѓу Украина и Русија, а портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на средбата со новинарите изјави дека САД ја менуваат методологијата за тоа како придонесуваат во разговорите и веќе нема да летаат околу светот при првиот повик за средби.
Киев и Москва сега мора да излезат со конкретни предлози за завршување на војната и да се состанат директно за решавање на конфликтот, додаде Брус.