Во Холандија, како што пишуваат тамошните медиуми, тој бил во притвор, но судот го ослободил и му ги одзел пасошите, односно му одредил забрана за напуштање на земјата

Енес Исени, еден од двајцата убиени во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија на 6 март, во Холандија се гонел во случај поврзан со убиство. Ова го открива написот во холандскиот медиум „Nieuws“, објавен на 14 март, во кој се наведува дека за случајот во кој Исеини е еден од деветтемина кои се гонат, судскиот процес требало да започне вчера (15 март).
Станува збор за пукање што се случило во февруари 2021 година во Беген ан Зи. Криминална банда, пишуваат холандскиот медиум, се обидела да киднапира Колумбиец за наводна лажна зделка поврзана со кокаин. Во судирот дошло до пукање, Колумбиецот бил ранет и починал. Наводните киднапери тогаш побегнале со оружјето во неколку автомобили.
Се гонат деветмина поврзани со случајот, меѓу кои и Енес Исени. Тој, според тоа што го објави „Nieuws“, еднаш избегал во Холандија каде што бил приведен и потоа поминал девет месец во притвор. Меѓутоа, судот го ослободил и му ги одзел пасошите, односно му одредил забрана за напуштање на земјата.
Сепак, тој избегал, а пред десет дена беше убиен во пресметка во главниот град на Северна Македонија, се вели во текстот.
Освен за Исени, медиумот пишува и за другите инволвирани во случајот прашувајќи „како успеваат да бегаат од правдата одново и одново“.
За убиството во „Шиша бар“ во Скопје, шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, во гостувањето во емисијата „360 степени“ минатиот петок рече станува збор за пресметка поврзана со позициите на наркопазарот кои очигледно се многу важни за тие структури.