Искусниот судија, сега независен претседателски кандидат, Лозан Панов, изјавил за МИА дека „неможноста да се постигнат компромиси кои се од заеднички интерес ги ставија односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во ќор-сокак“
Независниот кандидат за претседател на Бугарија, предложен од иницијативата „Правда за секого“ и поддржан од Демократска Бугарија, Лозан Панов, деновиве ќе го посети Скопје каде што, според најавите, ќе има средби „со пријателите на Бугарија и со претставници на македонските Бугари, на кои ќе се разговара за иднината на бугарско-македонските односи“, пренесува МИА.
Панов, кој е единствен кандидат за претседател на Бугарија кој ќе ја посети земјава за време на изборната кампања, во изјава за дописникот на МИА од Софија, оценил дека во последните години неможноста да се постигнат компромиси кои се од заеднички интерес ги ставија односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во ќор-сокак.
Панов, кој е отворен критичар на состојбите во судството во Бугарија и истакнат судија и прв човек на Вишиот касациски суд, а претходно и на Управниот суд, смета дека само договорот е она што најмногу може да придонесе за приближување на позициите меѓу двете земји, но, како што вели, „емотивната поврзаност сама по себе е товар во решавањето на заедничките прашања“.
Според Панов, проблемот е што, додека Бугарија и Република Северна Македонија се расправаат за својата историја, трета страна им ја одзема можноста да градат заедничка иднина, а во случајов важи изреката „двајца се караат, третиот користи“. Тој предлага разговорите меѓу двете земји да се засноваат на добра волја.
Панов е дециден дека говорот на омраза е сериозен проблем во бугарско-македонските односи.
„Говорот на омраза го насочува нашиот балкански темперамент во погрешна насока и затоа нема место во добрососедските односи, а уште помалку во образованието на идните генерации“,
вели Панов додавајќи дека „подава рака на соседите“ и дека тие што ги довеле односите меѓу Софија и Скопје во ќор-сокак ќе го искористат тоа во оваа предизборна кампања.
Тој е подготвен да го преземе овој ризик бидејќи, како што вели, во моментов европската иднина на регионот е тест за интегритетот на секој политичар, без разлика на која страна од границата се наоѓа.
„Нашиот заеднички пат е Европа и ова прашање не треба да се поставува ниту со дали, ниту со но“,
вели Панов.
За претседател на Бугарија, на изборите што ќе се одржат на 14 ноември, заедно со парламентарни избори, се натпреваруваат 23 кандидати, со уште толку кандидати за вицепретседател. Меѓу кандидатите е и досегашниот претседател Румен Радев, поддржан од 11 партии, додека до неодамна владејачката ГЕРБ, заедно со уште неколку партии, го поддржува Анастас Герџиков, ректор на Универзитетот во Софија.