Средствата од заемот ќе се користат за тековното работење на ЕСМ, за унапредување на производствениот процес на компанијата, за финансирање на увозот на електрична енергија, како и за проекти од зелена енергетска транзиција – инвестиции во нови и одржување на веќе изградени централи од обновливи извори
Првиот човек на ЕСМ, Васко Стефанов, изјави дека средствата од заемот ќе бидат користени одговорно и домаќински, пред сѐ за проекти кои ќе бидат поврзани со зелената агенда
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди заем од 100 милиони евра за македонската енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Средствата ќе се користат за тековното работење на ЕСМ, за унапредување на производствениот процес на компанијата, за финансирање на увозот на електрична енергија, како и за проекти од зелена енергетска транзиција – инвестиции во нови и одржување на веќе изградени централи од обновливи извори.
ЕБОР: Заемот доаѓа во критичен момент за македонската енергетска транзиција
По потпишувањето на договорот во Министерството за финансии, од ЕБОР соопштија дека заемот доаѓа во критичен момент за македонската енергетска транзиција, а дека ќе помогне да се намали поддршката од Владата кон компанијата, а ќе им помогне на ЕСМ да ги реализираат своите капитални инвестиции кои се веќе почнати.

Фото: Принтскрин од денешното потпишување на договорот за заем од ЕБОР
„С Македонија е посветена на намалување на нето зелените стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година, првенствено преку исклучување на енергетските капацитети кои работат на јаглен и активностите поврзани со јаглен. ЕСМ, која обезбедува приближно 90 отсто од генерирањето на електрична енергија во земјата, е клучен фактор во оваа транзиција. Како дел од инвестицијата, ЕСМ ќе имплементира обемна стратегија на декарбонизација, согласно Планот за македонската национална енергија и клима, осврнувајќи се на посветеност кон декарбонизацијата“,
соопштија од Европската банка за обнова и развој.
Посочувајќи дека ЕСМ обезбедува 90 отсто од домашните потреби на земјава на електрична енергија, од ЕБОР додаваат дека оваа компанија е клучот кон зелената транзиција, а дополнително ја охрабруваат Владата да се реализира зелената транзиција и да има повеќе проекти во обновливи извори на енергија.
Стефанов: Средствата ќе ги користиме наменски, одговорно и домаќински
Сите средства кои произлегуваат од заемот ќе ги користиме наменски, одговорно и домаќински, пред сѐ за проекти кои ќе бидат поврзани со зелената агенда, изјави првиот човек на Електрани на Северна Македонија, Васко Стефанов, по потпишувањето на договорот за кредитот од 100 милиони евра.

Фото: Принтскрин од денешното потпишување на договорот за заем од ЕБОР
„Планирани се повеќе проекти кои сериозно ќе влијаат земјава да биде енергетски независна. Поддршката и соработката со институции како ЕБОР се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон ‘зелената’ агенда со заложба за транзиција кон чиста енергија која има цел намалување на стакленичките гасови за 61 процент“,
додава Стефанов.
Заемот на ЕБОР од 100 милиони евра е со рок на отплата од пет години, со грејс период од шест месеци. ЕСМ ќе биде корисник на средствата и ќе ги сервисира сите обврски, а државата ќе дава гаранција.