„Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување санкции и реформи во пенитенцијарниот систем“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за ревизијата насловена „Реформа на пенитенцијарниот систем“
Состојбата во македонските затвори останува лоша, а активностите што ги преземаат надлежните институции не придонесуваат за нејзино подобрување.

Ова го констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот извештај за ревизијата насловена „Реформа на пенитенцијарниот систем“, спроведена согласно годишната програма за работа на ДЗР за 2024 година.
Објавен денеска, во него се наведува дека целта на ревизијата била да даде одговор на прашањето: „Дали преземените активности од надлежните институции придонесуваат за унапредување и хуманизирање на системот за извршување санкции и реформи во пенитенцијарниот систем” и да се дадат препораки за преземање мерки за подобрување на состојбите.
Сумирано, наодите нотирани во извештајот говорат дека пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставениот видеонадзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост се главните недостатоци кои влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода.
Дополнително, за лошите состојби придонесува и ограничената примена на пробациските мерки и недоволната постпенална поддршка, кои ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите.
„Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем“,
се вели во соопштението на ДЗР.
Нехумани услови
Во извештајот се нотира дека материјалните услови во одделни установи или одделенија при установите, како пренатрупаноста, не придонесуваат за обезбедување хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди од областа, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.

Од Државниот завод за ревизија во извештајот посочуваат и на пролонгирањето, односно доцнењето со изградба на нови објекти во рамките на најголемиот затвор во државата – КПД „Идризово“ во Скопје. Ваквата состојба, се вели во извештајот, не придонесува за зголемување на сместувачките капацитети на затворот и подобрување на условите.
Од ДЗР потсетуваат дека изградбата на објектите од Сегмент 2 во КПД „Идризово“ е дел од проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“ кој е започнат во 2010 година. Доцнењето на работите, како што се наведува во извештајот, пред сè се должи на необезбедените буџетски средства за реализација на проектот, но и ненавременото и нецелосно спроведување на забелешките и препораките на Банката за развој на Советот на Европа.
Недостаток на финансии, полицајци и лекари
Што се однесува до финансиските средства, ДЗР констатира дека тие недостигаат, поради што установите не можат да планираат активности, а оние што се испланирани не можат да ги реализираат. Дополнително, финансиите со кои располагаат не се доволни и за подмирување на обврските од минати години.
Во установите, како што нотира извештајот, недостасува безбедносна опрема, а не е воспоставен ниту унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видеонадзорот.
„Ниту имаат предвидена обврска за изготвување на проекти/планови за утврдување на сите клучни ризични точки, потребниот број и вид на камери, местото на поставување на камерите за видеонадзорот, а врз основ на претходна анализа изработена од стручни лица во областа“,
констатира ДЗР.
Казнено-поправните установи во државава, според извештајот, продолжуваат да кубурат и со кадар, односно има недоволен број припадници на затворската полиција. Поради ова, како што се наведува, зголемени се трошоците за прекувремена работа.
Но, тоа не е единствениот проблем. Тужбите од страна на затворската полиција поради прекувремената работа и останати додатоци на плата, ги напластуваат судските трошоци и исплати по извршни решенија.
Поради недоволен медицински персонал, во затворите не е обезбедена целосна здравствена заштита на лицата лишени од слобода.
„Отсуството на ажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување доведува до неостварување на правото за здравствено осигурување на лицата кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно-поправен дом“,
се додава во извештајот.

Дополнително, наодите на ДЗР велат дека не е унифицирана ниту техничката спецификација за набавка на храна, поради што одделни установи имаат поразновидна храна од други установи, како и значителни разлики во цените на прехранбените артикли помеѓу установите.
„Воспоставениот начин на третман и постпенална помош на осудените лица не обезбедува нивна ресоцијализација и социјална адаптација во општеството. Во КПУ погодности користат сите осудени лица на кои тоа им го дозволува третманската група, доколку против нив не е поведена дисциплинска постапка, без разлика какви резултати постигнуваат при работниот ангажман. Установите не се доволно кадровски екипирани со инструктори, кои би можеле да вршат стручно оспособување на осудените лица, а не располагаат ниту со доволен број на воспитувачи за спроведување на третмански мерки. Не е спроведуван образовен процес за осудените лица и децата во ВПД“,
се наведува во извештајот.
Вон установите, се додава, се ангажирани околу 8 проценти од осудените лица, за кои, според извештајот, не е обезбедена целосна контрола над работењето.
Во таа насока се вели дека постои низок процент на искористеност на постпеналната помош, што е една од можните причини за рецидивизам во казнено-поправните установи.
„Недоволниот развој на пробацијата во правосудниот систем на Република Северна Македонија, во насока на имплементирање на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција на сторителите во заедницата на кои се извршуваат алтернативни мерки и недоволно изрекување на пробациски мерки од страна на надлежните органи неповолно влијае на остварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација“,
велат од ДЗР.

Препораката до Владата
Оттаму исто така нотираат и дека во периодот од 2021 до 2024 година не е извршен редовен надзор над работењето на сите установи од страна на Управата за извршување санкции, ниту се врши контролен надзор. Ова, како што се посочува, може да доведе до непостапување од страна на установите по дадените забелешки и рокови наведени во наредбата од редовниот надзор и нивно навремено отстранување.
За утврдените состојби ревизијата дава сет од 26 препораки, чија имплементација би требало да обезбеди надминување на проблемите. Најголем дел од нив, или 14, се однесуваат на Управата за извршување санкции. Останатите се за самите казнено- и воспитно-поправни установи, но има и препораки кои се однесуваат на Министерството за образование и наука, а една, односно последната, е до Владата.
Од ДЗР препорачуваат извршната власт при именување на директорите и нивните заменици во установите да го запазува и да го применува начелото на транспарентност во процесот на спроведување на постапките и избор на кандидатите.
Целиот извештај можете да го прочитате на следниот ЛИНК.