Анализата на Државниот завод за ревизија се однесува на периодот од март 2020 до март 2022 година, односно првите две години од појавата на ковид-19 во земјава
Ревизорите заклучуваат дека поради необезбедувањето повеќе термини во јавното здравство и немањето договори со приватните установи за дијагностицирање на ковид-19, „не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот“
Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска објави дека ја завршил ревизијата на Фондот за здравствено осигурување, поточо на финансиските извештаи и усогласеност за 2020 година. Ревизорите изразуваат „мислење со резерва“ за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста на финансиските трансакции.
Освен со детали за тоа на што се темели тој став, ДЗР излезе и со пресметка – колку пари потрошиле граѓаните во приватното здравство само за ковид-19 тестови, затоа што немаше доволно капацитет и термини во државните лаборатории.
18,6 милиони евра за ковид-19 тестови
Ревизорите, според податоците објавени од Институтот за јавно здравје, пресметале дека од март 2020 до март 2022 година, на ниво на цела држава се направени 1 962 489 тестови за ковид-19 во вкупно 33 лаборатории (дел приватни, дел државни). Од нив, 1 337 238 се тестови направени по ПЦР (PCR) метод.

Од тие 1 337 238 ПЦР тестови, дури 819 240 се направени по приватни лаборатории, покажува анализата на ДЗР. Ревизорите потоа употребиле конзервативна цена на чинење на еден тест од 1 400 денари (на почетокот на пандемијата ПЦР тестовите чинеа и по 3 000 денари, па и повеќе), и пресметале дека само за ПЦР тестови граѓаните потрошиле над 18,6 милиони евра во приватните лаборатории.
Ревизорите изработиле и временска низа по полугодија која покажува дека на почетокот на пандемијата се правеле речиси еднаков број тестови во јавните и во приватните лаборатории. Како одминува пандемијата, приматот го преземаат приватните лаборатории.

Според ревизорите, граѓаните потрошиле огромна сума пари во приватното здравство од причина што Фондот не им обезбедил доволно здравствени услуги.
,,Во услови на пандемија, поради необезбедување повеќе термини во јавните здравствени установи (ЈЗУ) и несклучени договори со приватните здравствени установи (ПЗУ) за дијагностицирање на COVID-19, не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот”,
заклучуваат од Државниот завод за ревизија.
Има пандемија, нема контроли
Една од најголемите забелешки на ДЗР кон Фондот, поради што и се изразува резерва, е спроведувањето на законските обврски за контрола на јавните и приватните здравствени установи. Особено се важни вторите (приватните), затоа што само во 2020 година ним им се исплатени околу 56,5 милиони евра од државниот буџет.
Ревизорите, првенствено, имаат забелешки дека системот за контрола не е доволно добар, дека постои неусогласеност меѓу секторите на различни нивоа но и дека нема доволно кадар за да се прават теренските контроли.
„Поради недостиг на кадар, со наредба на директорот на Фондот, доктори од Секторот контрола работат во лекарските комисии за оцена на привремена спреченост за работа, со што дополнително се ослабува капацитетот на секторот и се зголемува ризикот од неоткривање на неправилности во работењето на здравствените установи“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Ревизорскиот извештај покажува и дека со доаѓањето на пандемијата нагло се намалуваат и тие контроли што се спроведувале во минатите години. Поради изречената мерка за спречување на ковид-19, директорите на Фондот донеле упатство согласно кое од март 2020 г. привремено се одложуваат сите контроли надвор од Фондот, освен по претставки и барања.
„Поради што во 2020 година бројот на теренски контроли кај здравствените установи е намален за 74%. Според
се вели во извештајот на ДЗР за Фондот за здравствено осигурување.
презентираните информации во Годишниот извештај, во 2020 година извршени се вкупно 83 контроли кај здравствени установи, наспроти 472 во 2019 година“,
Државната кардиохирургија со години бара простории, приватните болници се полнат со пари
Во делот останати прашања, ревизорите забележуваат и дека огромен дел од парите на Фондот што се исплаќаат за кардиохируршки интервенции завршуваат во приватните здравствени установи (ПЗУ). Поточно:
„За вршење кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги во 2020 година Фондот има склучено договори со три ЈЗУ и две ПЗУ за што се исплатени 1 254 330 илјади денари (20,4 милиони евра) од кои 95% се вршат во ПЗУ, а остатокот во ЈЗУ, каде најголем дел се во ЈЗУ УК за државна кардиохирургија“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Имајќи го предвид ревизорскиот извештај за Универзитетската клиника за кардиохирургија, од ДЗР велат дека институцијата има кадар за кој Министерството за здравство троши пари постојано да се обучува, но дека со години вработените бараат соодветни просторни услови за да можат да работат повеќе интервенции.
„За овој проблем Клиниката во повеќе наврати ги информирала надлежните институции, но за истото не е добиен одговор односно не се преземени активности за проширување на просторните услови кои би овозможиле зголемување на обемот на извршени услуги“,
наведено е во извештајот на ДЗР.