Наместо по една и пол година затвор, колку што им досуди Основниот суд во Тетово, двајцата ексдиректори на Клиничката болница во Тетово сега ќе треба да одлежат по три години затвор
Апелацискиот суд Гостивар донел мериторна одлука со која за двојно им ги зголемил затворските казни на поранешните директори на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, во врска со пожарот во модуларната болница во кој загинаа 14 лица.

Со првостепената пресуда, која Основниот суд во Тетово во мај им ја изрече на двајцата ексдиректори, тие беа осудени на затворски казни од по една и пол година. Одлучувајќи по нивните, како и по жалбите на тетовското основно јавно обвинителство, второстепениот суд во Гостивар донел пресуда со која на двајца им ги зголемил казните на три години затвор.
Јавната седница на која се разгледувале жалбите Апелацискиот суд ја одржал на 26 ноември и истиот ден ја донел и пресудата, која е преиначена само во делот на казните.
Како што се наведува во соопштението на Апелацискиот суд, повисока казна за 300 000 денари е изречена и за Клиничката болница во Тетово, која наместо еден милион денари, колку што пресуди Основниот суд во Тетово, сега, како правно лице опфатено во постапката, треба да плати 1,3 милион денари.
Од второстепениот суд наведуваат дека како неосновани се одбиени жалбите на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми, како и жалбата на Клиничката болница, додека истовремено се уважени жалбите на Основното јавно обвинителство Тетово и на оштетените во делот на одлуката за имотно правното побарување.
„(Судот) пресудата ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција и во делот на одлуката за имотноправното побарување така што обвинетите Ф. Б. од Т. и А. Е. од Т. кои со првостепената пресуда се огласени за виновни за кривично дело тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик, ги осуди на казна затвор во траење од по три години, обвинетото правно лице ЈЗУ К. Ц. во Т, кое со првостепената пресуда е огласено за виновно за кривично дело предизвикување општа опасност од член 288 став 5 во врска со став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик, го осуди на парична казна во износ од 1 300 000 денари“,
се наведува во соопштението на Апелацискиот суд Гостивар.
Оттаму додаваат дека во делот на одлуката за трошоците на постапката, првостепената пресуда е укината и предметот во тој дел се враќа на повторно одлучување.
Инаку, ова е вторпат како Апелацискиот суд Гостивар одлучува по првостепена пресуда во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година.
Имено, првиот судски процес што се водеше против двајцата ексдиректори на болницата заврши на 5 јуни 2023 година. Тогаш двајцата директори добија условни затворски казни, а за Клиничката болница беше изречена парична казна од еден милион денари.
По жалбената постапка, во првата половина мај 2024 година Апелацискиот суд Гостивар делумно ја укина пресудата и одлучи на двајцата ексдиректори и на Клиниката да им се суди одново.
Повторениот судски процес пред тетовскиот суд заврши на 16 мај годинава, овој пат со ефективни затворски казни за обвинетите. Тие беа осудени на по една и пол година затвор, додека Клиничката болница повторно доби парична казна од еден милион денари.

Од пресудата во повторениот процес не беа незадоволни и обвинетите и семејствата на загинатите и повредените во пожарот во модуларната болница.
Странките во постапката поднесоа жалби и на оваа пресуда, за која Апелацискиот суд во Гостивар, како што соопштија оттаму денеска, донел мериторна одлука.
Модуларната болница во Тетово која беше отворена за згрижување и лекување пациенти болни од ковид-19 изгоре вечерта на 8 септември 2021 година, а во трагедијата животите ги загубија 14 лица. Од загинатите, 12 беа на болничко лекување, додека за двајца беше утврдено дека се членови на семејствата на дел од згрижените пациенти.
Инаку, постапувањето на надлежните институциите во врска со пожарот во модуларната болница ќе се разгледува во рамките на Анкетната комисија што на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН Собранието одлучи да ја формира на 3 декември годинава. Покрај на оваа, ад хок комисијата, чии членови и претседател сè уште не се избрани, ќе се фокусира и на трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, како и на сообраќајните несреќи со автобусите на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и „Беса транс“во Бугарија.
