По завршните зборови на странките, Основниот кривичен суд во Скопје закажа изрекување на пресудата на 11 јуни
За тројцата обвинети кои не признаа вина во случајот „Двојник“ со издавањето пасоши да се донесе осудителна пресуда, побара обвинителската Спасенка Андонова во денешните завршни зборови.
Во овој случај беа обвинети вкупно 11 лица, од кои 10 вработени во МВР и еден посредник. Седум од нив признаа вина, а една обвинета, поради здравствени причини, отсуствуваше на првото рочиште, но најави дека и таа ќе признае. На обвинителна клупа останаа само Фарум Бути, Весла Колевска и Бранислава Мишиќ, за кои по денешните завршни зборови судот треба да изрече пресуда.
Обвинителката Андонова во завршните зборови наведе дека отсуството на документи за идентификација не можело да помине незабележано од страна на обвинетиот Фарук Бути, кој имал долгогодишно работно искуство. Воедно, обвинителката истакна дека обвинетиот Бути имал честа комуникација со сега осудените Денис и Раиф.
Од друга страна, одбраната на обвинетиот Бути побара ослободителна пресуда бидејќи смета дека обвинителството не докажало дека е сторено кривичното дело злоупотреба на службена должност. Според нив, во обвинението не е наведена ниту материјална корист за која обвинителството вели дека ја прибавил со издавање на невистинити патни исправи.
По завршните зборови на странките, од Основниот кривичен суд во Скопје закажаа изрекување на пресудата на 11 јуни.
Од обвинетите кои признаа вина, шестмина добија затворски казни од 1 година и 7 месеци до 2 години и 7 месеци, а еден условна.
Обвинителниот предлог за овој случај беше поднесен на 14 април. Обвинетите од МВР се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а посредникот за поттикнување.
Како што тогаш соопштија од ОЈО Скопје, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Им биле издадени пасоши на 214 странски државјани и на еден македонски државјанин, за кој претходно министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски.
Обвинетите издавале пасоши бидејќи, според Обвинителството, имале материјална корист за која обвинителката во воведните зборови рече дека не можеле да ја утврдат.
„Ако добро го прочитавте кривичното дело коешто им се става на товар, во описот на делото стои некаква материјална корист прибавена од нивна страна. Тоа значи дека во конкретниот случај не располагаме со точни податоци за парични средства и за висина на парични средства коишто се прибавени од нивна страна и затоа е таа квалификација којашто е употребена. Меѓутоа, судот со донесувањето на одлуката и со изрекувањето на казните воедно се определува и за една друга казна, а тоа е забрана за вршење професија и дејност, така што верувам дека оваа казна веќе многу повеќе ќе ги погоди одошто нешто друго во поглед на материјалната корист“,
изјави тогаш обвинителката.
За пасошите тие, според ОЈО Скопје, користеле идентитети на македонски државјани кои досега не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство и никогаш не оствариле влез во Македонија.
Со податоците од овие македонски државјани и фотографија од странците што ги добивале пасошите, обвинетите ги изработувале преку системот на МВР. Странците што ги добивале патните исправи се лица што се бараат со меѓународни потерници, но благодарение на македонските пасоши со туѓ идентитет тие можеле слободно да се движат.
„Тие баратели имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“,
рекоа од ОЈО Скопје на 14 април.
Кога беше поднесен обвинителниот предлог, од ОЈО Скопје немаа информации каде и колку често бараните криминалци ги користеле македонските пасоши, но го задолжиле МВР преку своите инструменти во државата и во странство да провери и сето тоа да го документира со писмени докази.
