Фотографија од свидетелството за завршена втора година средно образование покажува дека професорот Блерим Саити, еден од кандидатите за ректор на УМТ, имал само една „четворка“, и тоа по предметот Ликовно образование, додека по сите други предмети оценките му се „двојки“
„360 степени“ го контактираше Блерим Саити, кој ни рече дека откако ќе заврши изборот за ректор ќе одржи прес-конференцијата, на која ќе одговори на прашањата поврзани со објавите што изминатите денови кружат на социјалните мрежи и во дел од медиумите, а се поврзани со успехот во текот на неговото образование
Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (УМТ) избира нов ректор, третпат во историјата на овој државен универзитет. Двајца од тројцата пријавени кандидати влегоа во трката за нов ректор за периодот од 2025 до 2028 година – проф. д-р Беким Фетаји и проф. д-р Блерим Саити.
Беким Фетаји е редовен професор на Факултетот за информатички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“, а Блерим Саити е редовен професор на Факултетот за социјални науки на истиот универзитет.

Изборот ќе се одржи в среда на 12 март 2025 година.
Втора година завршил со „двојка“, сега кандидат за ректор
ТВ Клан, повикувајќи се информација од социјалните мрежи, вчера објави фотографија од свидетелството за завршена втора година средно образование на кандидатот за рекот на УМТ, Блерим Саити. Станува збор за учебната 1990/1992 година во Средното општинско училиште „Здравко Чочковски“ во Дебар.

Впечатливо е тоа што од 13 предмети Саити има само една „четворка“ и тоа по предметот Ликовно образование, а по другите предмети оценките му се „двојки“.
Без изјави додека трае изборот
„360 степени“ ги контактираше двајцата кандидати за ректор. И двајцата одбија да дадат изјава во врска со изборот, како и за образованието на Саити.
Проф. д-р Блерим Саити најави дека откако ќе заврши изборот ќе одржи прес-конференцијата на која ќе одговори на прашањата поврзани со објавите што изминатите денови кружат на социјалните мрежи и во дел од медиумите, а се поврзани со неговото образование.

„Не сакам да влијаам на изборниот процес. Ќе свикам прес-конференција откако ќе заврши изборот“,
рече тој.
Посочи дека изборот за ректор е постапка што се врши според Законот за високо образование, како и според Статутот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
И неговиот противкандидат, проф. д-р Беким Фетаји, рече дека не сака да коментира ништо во врска со изборот на нов ректор, а најмалку за другиот кандидат.

Вели дека денеска на состанок во Ректоратот дискутирале и заклучиле оти кандидатите за ректор не треба да даваат изјави пред изборот.
„За изјави ќе можете да нè контактирате дури во четврток“,
вели Фетаји.
Изет Зеќири, актуелниот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, во изјава за „360 степени“, кусо одговори дека не е соодветно тој да го коментира изборот на нов ректор ниту, пак, некој од кандидатите.
Кои се кандидатите
Според она што може да се прочита на нивните профили на социјалната мрежа „Линкдин“, Беким Фетаји е информатички инженер. Средното образование го завршил во Гостивар, како ученик на генерацијата. Дипломирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерски студии завршил на Универзитетот „Брукс“ во Оксфорд, Обединето Кралство. Тој е и доктор по технолошки науки, со студии завршени во Грац, Австрија.

Блерим Саити, пак, е професор по физичко образование. Според неговата биографија, дипломските и магистерските студии ги завршил на Институтот за физичка култура на Универзитетот во Тирана, а во 2013 година докторирал на Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во декември минатата година Сенатот на УМТ го избрал Саити за проректор за меѓународни односи.
Изборот е в среда, а гласањето е тајно
Изборот за нов ректор, трет по ред на Универзитетот, ќе се одржи в среда, на 12 март 2025 година, со тајно гласање од страна на членовите на Наставно-научниот совет на УМТ.
Според решението за утврдување листа на кандидати за избор на ректор на Универзитетот, кое е објавено на веб-страницата на Универзитетот, пријавени се тројца кандидати, но само овие двајца професори ги исполниле условите од конкурсот.
„Универзитетската изборна комисија констатира дека од тројца пријавени кандидати кои пријавите ги доставиле во рокот наведен во конкурсот, само двајца кандидати за ректор ги имаат доставено документите во рок и тие се комплетни и ги исполнуваат условите од јавниот конкурс за избор на ректор“,
се вели во решението за утврдување листа со кандидати за избор на ректор за мандатен период 2025-2028 година.
Одбиена е кандидатурата на проф. д-р Флорија Мифтари, редовен професор на Факултетот за економски науки на Универзитетот ФОН во Скопје, поради недоставување соодветна документација, како и затоа што пријавата во електронска форма не е доставена во предвидениот рок, што е еден од условите на конкурсот.
На 24 февруари годинава официјално започна промоцијата на кандидатите за ректор. Фетаји и Саити имаа можност да ги претстават своите програми за работа и визии за понатамошен развој на Универзитетот пред предавачите на факултетите.

Во програмите кандидатите ги презентираат приоритетите во клучните области, како што се академскиот развој и квалитетот на наставата, проширување на меѓународната соработка, поддршка на студентите и зголемување на можностите за нивно професионално ангажирање, унапредување на инфраструктурата и дигитализација на универзитетските услуги, како и подобрување на условите за научни истражувања и иновации.
Според огласот за избор на ректорот на УМТ, кандидатот треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, како и да е од редот на редовните професори.

Покрај уверение за државјанство, биографија и библиографија, кандидатите треба да достават и одлука за избор во звањето редовен професор и три кредибилни препораки. Кандидатите треба да достават и изјава дека не се вршители на друга јавна функција, како и дека немаат функција во политичка партија.