Три нови случаи на заразени денеска беа потврдени во Велес. Тие се дел од новите 37 дијагностицирани пациенти на ниво на цела држава.
Во однос на новите пациенти, од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Велес денеска информираа дека станува збор за две лица кои се поврзани со веќе постоечки кластер односно се членови на семејството на вработена во маркет. Токму за овој маркет, ТВ Телма во вестите информираше дека има шест вработени кои се заразени, но дека нема кластер на заразени купувачи.
Третиот случај кој денеска е потврден во Велес е вработен во Центарот за јавно здравје, посочија денеска од оваа установа. Во ЦЈЗ ова е трет случај на заразен, па затоа од вторник оваа здравствена установа ќе биде затворена додека да се најде начин дали и како ќе продолжи да работи.
Во споредба со денешните три, вчера бројот на нови случаи во Велес беше четири пати поголем – 12. Вкупно досега во овој град се откриени 58 случаи од кои четири излечени, три смртни и 51 активен случај.